Доналд Трамп се прашува зошто Иран сè уште не капитулирал пред американското воено засилување на Блиски Исток, изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф. Тој рече дека Трамп бил „љубопитен“ за позицијата на Иран откако предупредил дека е можен ограничен воен удар доколку не се постигне договор за иранската нуклеарна програма, за што нова рунда преговори ќе се одржи в четврток во Женева.
Иран најави дека е подготвен да направи отстапки за својата нуклеарна програма ако САД ги укинат санкциите и му дозволат да збогатува ураниум, со цел да се избегне напад. Ирански функционери изјавија дека Иран сериозно ќе разгледа комбинација од испраќање на половина од својот најзбогатен ураниум во странство, разредување на остатокот и создавање регионален конзорциум за збогатување.
Иран исто така им нуди можност на американски компании да учествуваат како изведувачи во големите нафтени и гасни индустрии на Иран.
„Не сакам да го користам зборот фрустриран, бидејќи Трамп сфаќа дека има многу алтернативи, но е љубопитен зошто не капитулираа досега. Зошто под притисок на огромната поморска моќ што ја имаме таму не дојдоа кај нас и не ни рекоа: ‘Изјавуваме дека не сакаме оружје и еве што сме подготвени да направиме‘. Тешко да се доведат до таа точка“, рече Виткоф.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи вчера изјави дека верува оти сè уште постои шанса спорот да се реши дипломатски, „врз основа на игра добитна за сите“. Тој кажа дека преговарачите работат на елементите на договорот.
„Техеран подготвува нацрт на можен договор и ќе му го предаде на Виткоф во следните неколку дена“, изјави Аракчи.
И покрај разговорите во Женева, Трамп во петокот порача дека светот во следните десетина дена ќе види дали ќе има договор или САД ќе преземат воена акција. Американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ е веќе на Блиски Исток, а на пат е и носачот „Џералд Форд“, најголем на светот.



