СЕ ЧУВСТВУВАМ НЕБЕЗБЕДНО ОД ПРИТВОРЕНИ ВО ЗАТВОРОВ, А И САМИ ГЛЕДАТЕ СИТЕ СЕ ПРОТИВ МЕНЕ, ИЗЈАВИЛ ГРУБИ ПО ДОАЃАЊЕТО ВО ШУТКА И ДОБИЛ ПОСЕБНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

    СЕ ЧУВСТВУВАМ НЕБЕЗБЕДНО ОД ПРИТВОРЕНИ ВО ЗАТВОРОВ, А И САМИ ГЛЕДАТЕ СИТЕ СЕ ПРОТИВ МЕНЕ, ИЗЈАВИЛ ГРУБИ ПО ДОАЃАЊЕТО ВО ШУТКА И ДОБИЛ ПОСЕБНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕГруби одговорил дека е небезбеден од некои лица етнички Албанци за кои имал сознанија дека се во притвор во овој затвор, па ставен е со цимер Македонец. (Фото: СДК.МК)

    Уапсениот бегалец Артан Груби од ДУИ, поранешен вицепремиер обвинет за проневера на над 8 милиони евра во „Државна лотарија“, кој се предаде утринава околу 6 часот на граничниот премин Блаце, е сместен во затворот во Шутка со само еден затвореник, Македонец, од безбедносни причини.

    До неговата затворска просторија има посебно, 24-часовно обезбедување.

    Како што изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од затворот „Скопје“ во Шутка, пред задолжителниот лекарски преглед, Груби бил прашан дали од некого од притворените не се чувствува безбедно, односно дали има сознанија дека во затворот има лице или повеќе лица од кои чувствува опасност.

    „Притвореното лице Артан Груби одговори дека не се чувствува безбедно. На конкретно прашање од кого, тој ни кажа дека практично од сите, бидејќи како што рече, ‘и сами гледате, сè е против мене и сите се против мене’.  На дополнително прашање тој наведе дека е небезбеден од некои лица етнички Албанци за кои имал сознанија дека се во притвор во овој затвор, па ставен е со цимер Македонец. Други лица нема да има во таа просторија“, ни рекоа безбедносните служби од затворот.

    Груби од граничниот премин Блаце, веднаш е спроведен во притвор. Пред судија на претходна постапка би одел само ако бара повторување на постапката која беше завршена во декември 2024, по бегството во Косово. Тој беше во бегство година и два месеца.

    Покрај Груби осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“. И тој е во бегство.

    Артан Груби (48) беше баран со меѓународна потерница откако во декември 2024 година ја напушти државата заминувајќи во Косово по отварање на истрагата за проневера на 8,2 милиони евра од Државна лотарија. За Груби Обвинителство побара притвор за сторено кривично дело Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик.

    Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена.

    За посетите од семејството, одбраната, од затворот ни рекоа дека не се тие надлежни и како и за сите притворени лица ќе важат одлуките и дозволите и забраните дадени од надлежниот судија на случајот „Државна лотарија“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира