Дел од професорите на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ имаат забелешки за предлог-законот за високо образование, за кој изминатиов период Министерството за образование и наука (МОН) организира јавни расправи.
Скопскиот универзитет денеска е домаќин на јавната дебата за пакетот три закони за високото образование, квалитет во високото образование и научно-истражувачка дејност на која се претставени заклучоците од Ректорската управа и се дебатира за предвидените законски одредби.
Професорот по социологија, во пензија, Илија Ацевски, вели дека недоречености во делот што го регулира квалитетот на образованието.
„Во целина е добар закон, но има недоречености за квалитетот. Според мене треба да стои дека квалитетот на високото образование ќе го процениме оној момент кога ќе ја процениме спсообноста на дипломираниот студент да работи за тоа што студирал. Тоа значи дека е потребна комисија, тело, што ќе го процени тој факт, а тоа ќе им помогне на оние кои произведуваат кадар сериозно да се зафатат со реформи на процесот. Како професор со 40 години поминати на овој факултет, најбитен е процесот на образование. За жал, ние се занимаваме со други периферни работи, но никогаш не го поставивме што значи квалитет на високото образование“, рече Ацевски.
Професори од факултетите од уметностите имаат забелешки на предлогот затоа што сметаат дека се работи за специфични дисциплини.
Проф. Дарија Андовска, деканка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), изјави дека нивните забелешки се однесуваат на тоа колку „уметничките факултети се дискриминирани и маргинализирани во однос на другите факултети“.
„А од нас зависи целата културна сцена во државата. Постои само еден член во кои се издвоени факултетите, меѓутоа се запоставени спецификите на нашите студии, особено ФМУ, кој е специфичен и во рамките на уметничките факултети, затоа што само кај нас постои настава еден на еден“, рече Андовска.
Проф. Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности, рече дека имаат многу забелешки.
„Тоа што е главно и што веројатно го забележуваат и другите факултети и универзитети е автономијата на високото образование. Иако декларативно стои во самиот закон, потоа надолу, во останатите членови од законот, се нарушува таа автономност. За нас, уметничките факултети, не е земена предвид нашата специфика и доаѓаме во судир со многу работи коишто реално во пракса не можат да се реализираат“, кажа Идризи.
Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова изјави дека, генерално, од законот очекуваат поголема автономија на Универзитетот, функционална, финансиска и кадровска, и тоа е, рече, еден од нивните основни приоритети.
„Очекуваме некои делови, кои во моментов сметаме дека се пререгулирани, ќе бидат релативизирани, ќе бидат отстранети за да може да се остави поголемо автономно право на универзитетите, да донесуваат посебни критериуми коишто ни се битни за избори и реизбори во звања кај раззлични професии бидејќи ние ги покриваме сите научни подрачја и секои од нив е со свои специфичности. Тоа се, генерално, нашите општи забелешки, меѓутоа во дебата ќе ги дискутираме и деталите поврзани со законот и забелешките. Во исчекување сме и на законот за наука бидејќи многу одредби од овој закон упатуваат на законот за наука, бидејќи се работи за пакет закони кои се нераскинливо поврзани“, кажа ректорката на УКИМ. Според неа, има неколку одредби во законот за кои сметаат дека може да се направат корекции за да се подобри автономијата.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академска заедница и потенцираше дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
„ Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот“, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
„Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија“, рече Јаневска.



