КАКО ТОА ВО ЗАТВОР НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГАРАНТИРА БЕЗБЕДНОСТ НА ПРИТВОРЕНО ЛИЦЕ, ПРАША МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ФИЛКОВ ПО НАВОДИТЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕКА АНБ ТАКА РЕКЛА ЗА ГРУБИ

    КАКО ТОА ВО ЗАТВОР НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГАРАНТИРА БЕЗБЕДНОСТ НА ПРИТВОРЕНО ЛИЦЕ, ПРАША МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ФИЛКОВ ПО НАВОДИТЕ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕКА АНБ ТАКА РЕКЛА ЗА ГРУБИАко обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помали износи и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите, кажа министерот Филков. (Фото:СДК.МК)

    Итното преместување од ефективен во куќен притвор на 14-месечниот бегалец од правдата Артан Груби, на барање на обвинителот Даниел Коцев и со согласност на судијата Марин Станевски од Кривичниот суд, министерот за правда Игор Филков го нарече скандал кој не смее да се премолчи.

    Обвинителството и денеска како и вчера кажа дека Груби добил поблага мерка веднаш штом се врати од бегство, поради проценки на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на МВР дека во затворот „Скопје“ во Шутка, не бил безбеден.

    По ова соопштение Филков утринава свика прес-конференција на која се посомнева во таквите проценки на АНБ и на МВР и кажа дека лично ќе се увери зошто во затворот во Шутка притвореник е понебезбеден, а дома би бил побезбеден.

    „Утрово побарав и објаснување од директорот на ‘Затвор Скопје’ и преку Управата за извршување на санкции бев информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција. Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во Затвор Скопје, како и во останатите затвори низ Македонија во однос на безбедносната состојба“, фрли сомнеж Филков и на Управата за извршување на санкциите во однос на безбедноста на лицата лишени од слобода.

    Toј ги прозва по име судијата Станевски и обвинителот Коцев, но и неговиот шеф Анел Фидоски, новиот Јавен обвинител на Скопје, поставен на местото на Гаврил Бубевски.

    „Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување: јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено мислењето за замена на притворот? Раководителот на Обвинителството Анел Фидоски дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот? Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје Марин Станевски да каже кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое цели 14 месеци беше недостапно?“, праша Филков и кажа дека никогаш не коментирал судски одлуки, но оти тука станува збор за селективност во однос на третманот на обичните граѓани кои се судриле со законите.

    Тој смета дека кога станува збор за истрага за проневера од над 8 милиони евра, кога постоел ризик од бегство, што и се случи, секоја одлука за поблага мерка мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива.

    „Во спротивно се отвора сериозен сомнеж за селективност. Не може за обичен граѓанин притворот да биде автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок. Не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите. Ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем. Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помали износи и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите“, кажа министерот.

    Ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седница, да утврдат дали има одговорност за овој случај кај судијата и кај јавниот обвинител.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира