СЕКОГАШ ЗНАЕВМЕ КОГА ДОАЃА РАЦИЈА ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ ВО „ПУЛС“ И ЧЕКАВМЕ НАДВОР ПОЛИЦИЈАТА ДА СИ ЗАМИНЕ, ТВРДИ ПРЕЖИВЕАНО МОМЧЕ ОД КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАР

    СЕКОГАШ ЗНАЕВМЕ КОГА ДОАЃА РАЦИЈА ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ ВО „ПУЛС“ И ЧЕКАВМЕ НАДВОР ПОЛИЦИЈАТА ДА СИ ЗАМИНЕ, ТВРДИ ПРЕЖИВЕАНО МОМЧЕ ОД КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАРСведокот во „Пулс“ одел од својата 16-та година и, како што рече, отсекогаш диското имало само една врата.(Фото: СДК.МК)

    Алберто Миладинов од Кочани, кој го сними пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ снимајќи го настапот на музичката група ДНК, на денешното судење рече дека плафонот се запалил точно во 2.32 часот по полноќ на 16 март 2025 година.

    Тој во „Пулс“ одел од својата 16-та година и, како што рече, отсекогаш диското имало само една врата. На прашање на обвинителката, и тој потврди дека објектот бил реновиран. Никогаш не му била барана лична карта додека одел таму како малолетник.

    Вечерта на 16 март купил билет од 500 денари. Фискална сметка не му била дадена ниту за билетот, ниту за пијалаците внатре.

    „И претходно во диското имаше оган при настап на танчерки. Често имаше полициски рации. Малолетниците си одеа пред да дојде полицијата. Дознаваа преку другари, а како другарите знаеја дека ќе има рација, тоа не ми е познато“, рече сведокот.

    Кога дошол околу полноќ, имало обезбедување на вратата, но не било означено или барем облечено во исти блузи. Сведокот раскажа како одеднаш се создала загушлива атмосфера и превисока температура во опожарениот објект. Го извлекле двајца покрупни мажи за кои рече дека не знае дали биле од обезбедувањето. Кога станаа тројцата обвинети обезбедувачи, сведокот не ги препозна.

    „Мојот другар Горјан беше свесен, но ногата му беше скршена на две места и дислоцирана“, изјави преживеаното момче.

    Бојан Клименков, другар на загинатиот Петар Иванов, бил келнер во „Пулс“, но таа вечер бил таму како гостин.

    „Таму работев три сезони. Не бев осигуран. Додека работев, и претходно имаше пиротехника внатре. Не видов некој да дојде да ги запали, на копче се палеа. Се запали плафонот над левата прскалка. Сите почнаа да пискаат. Панчо на микрофон кажа: ’Деко, гори, гори!‘ Дојде сопственикот Дејан со ПП-апарат, проба да го изгасне пожарот, но не успеа. Потоа Андреј рече: ’Излегувајте надвор!‘“, изјави сведокот Бојан.

    Тој ги наброја лицата кои помагале во спасувањето: Лазар Захариев, братот на сведокот Методиј Клименков, потоа Мартин Јосифов и Драган Петрушев. Кога бил извлечен надвор, рече дека се онесвестил, а потоа паднал во кома.

    „Секогаш се знаеше кога доаѓа полициска инспекција за малолетници. Чекавме по еден час да си одат, па повторно влегувавме“, рече сведокот.

    Судењето продолжува на 5 март.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира