МАКЕДОНИЈА Е ПЛОДНА ПОЧВА ЗА СТРАНСКО МЕШАЊЕ ПОРАДИ НИЗА ПРАВНИ ПРАЗНИНИ И СИРОМАШНИ МЕДИУМИ, КАЖАА НА ПАНЕЛ-ДИСКУСИЈА НА ИКС ВО СКОПЈЕ

    МАКЕДОНИЈА Е ПЛОДНА ПОЧВА ЗА СТРАНСКО МЕШАЊЕ ПОРАДИ НИЗА ПРАВНИ ПРАЗНИНИ И СИРОМАШНИ МЕДИУМИ, КАЖАА НА ПАНЕЛ-ДИСКУСИЈА НА ИКС ВО СКОПЈЕНа настанот беше презентиран документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ)“, што го изработија Марина Тунева и Драган Секуловски. (Фото: ИКС)

    За пробивот на странското мешање и дезинформациите во медиумите во Македонија придонесува серија институционални ризик-фактори и системски слабости, а мерките за превенција не треба да водат кон цензура, туку кон зајакнување на независноста на медиумите и имплементација на европските закони, беше кажано на панел-дискусијата „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумска отпорност“, организирана од Институтот за комуникациски студии. На настанот беше презентиран документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ)“, што го изработија Марина Тунева и Драган Секуловски.

    Тие ги анализираа ранливостите на домашниот медиумски простор во однос на странско мешање.

    „Во нашиот локален контекст имаме плодна почва за наметнување странско мешање зашто целиот медиумски пејзаж е доста фрагментиран и сиромашен. Медиумите немаат доволно ресурси да посветат внимание и да изградат механизми против нив. Институциите можеби размислуваат како да помогнат, но немаат доволно брзи постапки. За жал, кога ќе настане ваков тип на проблем најмногу страдаат граѓаните, зашто има ерозија на довербата во медиумите и институциите“, рече Секуловски, додавајќи дека странското мешање е најизразено за време на избори, референдуми и настани од висок интерес.

    Според него, СММИ не е објава на еден политичар или прилог на една телевизија, туку се работи за координирани и организирани активности на повеќе платформи, а целта е државата или одредена организација да се покаже како некомпетентна.

    „Тоа можат да бидат и налепници на бандери, рилови на Инстаграм, знамиња и пароли на јавни протести во комбинација со социјални мрежи и најчесто метата на СММИ се поранливите групи. Целта е стратешка, не само некој денеска да се изнервира“, рече Секуловски.

    Клучни правни празнини што овозможуваат присуство на СММИ се делумна нетранспарентност на онлајн медиумите, недостиг на „меко управување“ со државно усогласени канали, немање протоколи за координација и размена на информации помеѓу клучните актери и ограничени капацитети за континуирано следење и докази базирани на СММИ.

    Тунева ги претстави петте стратегиски столбови за превенција и справување со СММИ во медиумската сфера, кои вклучуваат јакнење на улогата на јавниот сервис преку мерки што реално ги штитат независноста и отчетноста, зголемување на транспарентноста на медиумскиот сектор и државните органи, јасна дефиниција на СММИ во клучните национални политики и стратегии, мултисекторска соработка помеѓу медиумите, безбедносниот сектор и граѓанското општество и воспоставување интегриран систем.

    „Притоа, целта не е да се воведе цензура, туку да се воспостави системска отпорност преку усогласување со европските закони и јакнење на независноста и транспарентноста на медиумите“, рече Тунева.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира