МИНИСТРИТЕ ФИЛКОВ И МИНЧЕВ ОД ЗНАМ ИЗЛЕГОА ОД СОБРАНИСКАТА САЛА КОГА ПРАТЕНИКОТ ПРЕНЏОВ ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО ПОВИКА МИЦКОСКИ ДА ЗБОРУВА ЗА АРТАН ГРУБИ И ЗА КАНАБИСОТ

    МИНИСТРИТЕ ФИЛКОВ И МИНЧЕВ ОД ЗНАМ ИЗЛЕГОА ОД СОБРАНИСКАТА САЛА КОГА ПРАТЕНИКОТ ПРЕНЏОВ ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО ПОВИКА МИЦКОСКИ ДА ЗБОРУВА ЗА АРТАН ГРУБИ И ЗА КАНАБИСОТПратеникот Љупчо Пренџов на денешната седница за пратенички прашања го праша премиерот Мицкоски за Артан Груби и за канабисот. (Фото: СДК.МК)

    Само што Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ ги спомна Артан Груби и канабисот како прашања што ќе му ги постави на премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања, министрите од ЗНАМ, Игор Филков (за правда) и Горан Минчев (за јавна администрација), ја напуштија собраниската сала.

    Пренџов со прашањата му овозможи на Мицкоски за двете теми да ја обвини опозицијата. Прашан за обвинувањата дека и враќањето на Груби, како и неговото бегство, а особено благата одлука за куќен притвор за осомничен за осуммилионски финансиски криминал, се политичка одлука, односно договор на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, Мицкоски одговори:

    „Фројд работи кај нив. Мислат дека тоа што тие го правеле, го прават сега некои други. Сега се плашат да не се прошири истрагата во здравството и на други места. Ќе дојде нов обвинител или обвинителка, ќе видиме“, најави Мицкоски.

    Прв денеска пратеничко прашање постави Венко Филипче, кој од говорницата прво запраша за што попрво да бара одговор: дали за тоа што оваа власт не сака да им ја зголеми платата на работниците, неизгласувајќи го законот што го поднесе СДСМ; дали за спорниот предлог-закон за високо образование, за кој лидерот на СДСМ рече: „Многу добро ја знам професорката Јаневска, не е таква таа професорка, вие ѝ вршите притисок“; дали за антиевропските политики поради кои живееме во тотална изолација или за дрогата и за полицајците и цариниците што ја пуштиле камуфлирана во перници…

    Потоа постави прашање: „Кој е Душан Адамовиќ, новоназначениот конзул на Македонија во Србија, кој на Твитер пишува дека Македонија е полусрпска? Треба да биде афирмирана личност, а тој е само високопозициониран во вашата сестринска СНС на Вучиќ и промовира руски ставови. Дали е во судир со законот, со оглед на тоа што како навивач му беше дигнато возилото во воздух? Кој е Душан Адамовиќ?“

    Мицкоски одговори дека Филипче поставил „мекотелни“ прашања, дека му напишале што да праша и дека не знае што е „инпут“, а што „аутпут“, додавајќи дека Филипче ќе остане лидер на „најмекотелната партија“ во Македонија.

    „За Адамовиќ прашајте си го вашиот поранешен министер за правда и продолжете политиката да ја водите од Твитер“, кажа кусо Мицкоски.

    Дијана Тоска од ДУИ праша за полагањето на правосудниот испит на албански јазик и го нарече министерот за правда, Игор Филков, шовинист.

    Таа го праша Панче Тошковски за навредите на фудбалските стадиони, со акцент на навредите врз албанската заедница, конкретно од страна на навивачката група „Комити“, за кои рече дека се само симболично казнети.

    „Неделувањето и вашето молчење значи дека се согласувате?“, го праша Тоска министерот за внатрешни работи.

    На првото прашање Филков одговори дека во моментов не постои можност за полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, бидејќи станува збор за стручен испит, а не за управна постапка.

    „Ќе се почитуваат Уставот и законите, нема трето“, кажа Филков.

    Тошковски рече дека е непријатно да се слушаат пцовки и национализам на трибините, но ја праша Тоска што направила нејзината партија ДУИ за ова прашање додека била 20 години на власт.

    С. К ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира