Германскиот синџир на маркети „Лидл“ почна со изградба на маркет во Гевгелија, соопшти компанијата. Маркетот ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри, со 130 паркинг места.
Директорот за недвижности во „Лидл Северна Македонија“, Гоце Гаврилов кажа дека со реализацијата на овој проект ‘Лидл‘ ја потврдува определбата за вложувања во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди, кои овозможуваат пријатно корисничко искуство и нудат внимателно селектиран асортиман, со оптимален сооднос меѓу високиот квалитет и поволните цени, како препознатлив белег на компанијата на сите пазари.
„Со стартот на изградбата на маркетот во Гевгелија продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Нашата цел е да изградиме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен изглед, со еколошки материјали и со фокус на енергетска ефикасност, создавајќи удобно искуство за нашите потрошувачи, но и квалитетна работна средина за нашите вработени“, рече Гаврилов.
Тој кажа дека секоја нова инвестиција на „Лидл“ има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето на нови работни места и соработката со домашните производители. Во таа насока тој истакна дека се посебно горди што преку продажната мрежа на Лидл за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15.5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.
„Лидл“ е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, а вработува над 382.000 луѓе.



