МУ КАЖАВ НА РУТЕ ДЕКА НАЈГОЛЕМАТА ИНВЕСТИЦИЈА ВО МИРОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН Е НАШЕТО ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА

    МУ КАЖАВ НА РУТЕ ДЕКА НАЈГОЛЕМАТА ИНВЕСТИЦИЈА ВО МИРОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН Е НАШЕТО ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВАПретседателката кажа дека членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е важно заради трајна отпорност на влијанија од трети сили. (Фото: СДК.МК)

    Најголема инвестиција и гаранција за мирот и безбедноста, не само на Западен Балкан туку и на Европа, е нашето членство во Европската унија, и тоа му го кажав денес на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата во Вила Водно.

    Таа кажа дека членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е важно заради трајна отпорност на влијанија од трети сили.

    „Очекувам на Самитот на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици. Укажувам дека треба да ставиме крај на вештачките пречки и на причините од историски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ“, рече Сиљановска-Давкова.

    Претседателката рече дека земјава продолжува да биде одговорна членка на НАТО-алијансата.

    „Го спроведуваме планот за инвестиции во одбраната, вклучително и заклучокот од Самитот во Хаг за издвојување на одреден процент од БДП. Во однос на Украина, ќе продолжиме со поддршката, со верба во можен договор за мир“, додаде Сиљановска-Давкова.

    Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека Северна Македонија е важна за безбедноста во регионот.

    „Ова е период кога не треба да седиме мирни, сите сојузници треба да ги зголемите придонесите за однраната. Северна Македонија издвојува 2 проценти од БДП за одбраната, и исто така сакам да ја пофалам поддршката за Украина. Мораме да соработуваме за да ја сочуваме нашата безбедност. Северна Македонија игра значајна улога во зачувување на безбедноста на Западен Балкан. Нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум”, рече Руте.

    Одговарајќи на новинарско прашање за војната во Иран, Руте кажа дека НАТО Алијансата не е вклучена во нападите.

    „Иран со децении предизвикува хаос преку терористички напади, обиди за атентат.Можам да ви кажам од моето лично искуство многу лица се под опасност од иранскиот режим. НАТО не е вклучено во нападите врз Иран, но ве уверувам дека ќе го одбраниме секој дел од територијата на НАТО. Сите сме во подобра ситуација што врховниот лидер на Иран не е тука и што во моментов се намалени нуклеарните капацитети на Иран”, рече Руте.

    Генералниот секретар на НАТО по средбата со Сиљановска-Давкова ќе се сретне и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом.

    Руте ќе ја посети и касарната „Илинден“, каде што ќе присуствува на презентацијата на лесната пешадиска баталјонска група на Армијата и на дел од опремата на оваа единица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира