Новиот ирански врховен водач Моџтаба Хамнеи е жив и здрав, и покрај воени повреди, изјави Јусеф Пезешкијан, владин советник и син на претседателот Масуд Пезешкијан.
„Слушнав дека Моџтаба Хамнеи бил повреден. Прашав некои пријатели со добри врски и тие ми кажаа дека е жив и здрав“, рече Пезешкијан.
Без да даде дополнително појаснување, државната телевизија претходно кажа дека Хамнеи е „ранет ветеран на Рамазанската војна“, како што Иран го нарекува тековниот конфликт.
Педесет и шестгодишниот Моџтаба Хамнеи во неделата го наследи својот татко Али Хамнеи како врховен водач на Иран, но сѐ уште не се појавил, ниту огласил во јавност. Се верува дека неговото именување се случило под притисок на Иранската револуцуонерна гарда, што може да доведе до поагресивен став кон странство и построга внатрешна репресија.
Повикувајќи се на ирански и израелски извори, „Њујорк тајмс“ објави дека Хамнеи бил ранет на првиот ден од американско-израелските напади врз Иран, кога беа убиени неговите татко, мајка, сопруга и син. Израел после неколку дена потврди дека Моџтаба преживеал.



