ПО ДВЕ ДЕЦЕНИИ, ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ДОБИ НОВ ЕНДОСКОПСКИ АПАРАТ ЗА ГАСТРО И КОЛОНОСКОПИЈА

    ПО ДВЕ ДЕЦЕНИИ, ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА ДОБИ НОВ ЕНДОСКОПСКИ АПАРАТ ЗА ГАСТРО И КОЛОНОСКОПИЈАПоследниот апарат беше стар околу дваесетина години. (Фото: СДК.МК)

    По повеќе од две децении, Интерното одделение при Општата Болница Охрид доби нов ендоскопски апарат со кој значително се зголемува квалитетот и прецизноста за изведување на интервенциите дијагностичка и тераписка гастро и колоноскопија. Апаратот е набавен на јавна набавка со средства обезбедени од Фондот за здравстено осигурување (ФЗО).

    Директорот на Општата болница Охрид, д-р Горан Маркоски, вели дека новата опрема ќе придонесе за зголемување на бројот на интервенции, но и ќе ја намали потребата граѓаните да бараат здравствени услуги во приватни установи или во други градови.

    „Последниот апарат беше стар околу дваесетина години. Често беше во дефект, затоа и бројот на интервенции беше значително мал, незадоволителен за нашиот град, при што нашите граѓани често користеа приватни установи за ваков тип на интервенција, беа подложени на дополнителни материјални трошоци, често патуваа и во други центри надвор од нашиот град, така што оваа набавка има големо значење општо за нашата општина во однос на материјално-економски аспект“, вели д-р Маркоски.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вели дека во моментот на национално ниво има малку места каде се прават колоноскопии и гастроскопии со што превентивната програма за рак на дебело црево не функционира на посакуваното ниво.

    „Се обидуваме да согледаме што е потребно за да создадеме капацитет. За да функционира скринингот како што треба ќе треба да се воспостави инфраструктурата. Во Општата Болница Охрид имаме два одлични доктори, значи кадри имаме. Потребно е да се погледне опремата и другите прашања за да се зголеми бројот, посебно на колоноскопии. Гастроскопиите се јавуваат со симптоми и граѓаните почесто доаѓат за гастроскопија отколку колоноскопија, бидејќи дебелото црево е тивко. Ако станат симптомите видливи и јасни, тогаш може да е доцна. Секој над педесет години, без разлика на симптомите треба да направи колоноскопија, дури е здрав за да се види каква е состојбата. Ова е еден од чекорите за да создадеме една инфраструктура за повеќе гастроскопи и колоноскопи, бидејќи посебно ракот на дебело црево е сè позначаен проблем во државата”, вели Клековски.

    Во Општата болница во Охрид има двајца супспецијалисти по гастроентерохепатологија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира