Проблемот со питачењето повторно се актуелизираше на последната седница на Советот на Општина Велес, при разгледувањето на извештајот за работата на Полициската станица (ПС). Советниците и граѓаните реагираат дека питачите се сè почесто присутни на јавни места, како на семафорите и долж главната улица Благој Ѓорев и пред кафетерии и пекари.
Од велешката полиција велат дека проблемот е нивен приоритет, но посочуваат дека за негово решавање е потребна и поголема вклученост на институциите и заедницата. Според податоците, лани биле изречени 53 мерки против питачење, додека во 2024 нема изречени санкции.
Командирот на ПС Велес, Ненад Дејановски, рече дека полицијата реагира кога ќе затекне лице како проси, но дека мерките имаат ограничен ефект. Лицето добива наредба да си замине, а ако не ја почитува се приведува во полициска станица. Сепак, во пракса често се случува едно лице да замине, а веднаш да дојде друго на истото место.
Според полицијата, најголемиот дел од изречените мерки се однесуваат на неколку исти лица кои ротираат на различни локации низ градот. Затоа, како што велат, неопходна е и вклученост на Центарот за социјални работи, бидејќи со превентивни мерки досега не се постигнати посакуваните резултати.
Од здружението „Градиме иднина“, кое работи на решавање на проблемот со питачењето во Македонија, велат дека во Велес секојдневно на улица просат меѓу 15 и 25 деца, што дополнително ја отвора потребата од системско решение на овој социјален проблем.
Според „Градиме иднина“, во Македонија дневно питачат над 2.000 деца, а во Скопје стотина деца се по крстосниците од булеварите. За овие четири години работа на организацијата, 145 деца од улица се отстранети и се згрижени во групни домови или згрижувачки семејства.
П. ПЕЧКОВ



