Иран го нападна Тел Авив со проектили со касетна муниција, одмаздувајќи се за убиството на шефот на Врховниот совет за национална безбедност Али Лариџани, објавија иранските медиуми. Во ноќешните напади загинаа две лица во населба блиску до густо населената област на Тел Авив, каде што се наоѓаат и воени објекти, со што бројот на загинати во Израел од почетокот на војната порасна на 14. Иранската револуционерна гарда соопшти дека во нападот биле користени и проектили „хорамшар-4“ и „кадр“, кои можат да носат повеќе боеви глави.
Иранската влада синоќа ја потврди смртта на Лариџани, кој загинал заедно со неговиот син и со неговиот заменик Алиреза Бајат. Иран потврди дека е убиен и заповедникот на моќната милиција Басиџ, Голомреза Солејмани.
Во исто време, американската војска објави дека нападнала ирански ракетни позиции долж Ормускиот Теснец, користејќи моќни бомби од 2.200 килограми кои можат да пробиваат силно утврдени бункери.
„Иранските крстосувачки противбродски ракети на овие локации претставуваа ризик за меѓународниот превоз во Теснецот“, соопшти американската војска.
Теснецот, низ кој минуваат 20% од светската нафта, останува затворен за најголемиот број танкери откако Доналд Трамп не успеа да наговори други земји да помогнат во негово обезбедување.
Овие напади покажуваат дека двете страни не се спремни за деескалација. Според еден висок ирански функционер, новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, ги отфрлил предлозите доставени до министерството за надворешни работи за намалување на тензиите или прекин на огнот.
„Хамнеи рече дека не е вистинско време за мир сè додека САД и Израел не бидат фрлени на колена, не го прифатат поразот и не платат отштета“, кажа иранскиот функционер.



