ИЗБОРНИТЕ ХОНОРАРИ ЌЕ СЕ ИСПЛАТАТ ДО КРАЈОТ НА МАРТ, КОЊАНОВСКИ СЕ НАДЕВА ОТИ НА ГРАЃАНИТЕ НЕ ИМ Е ДО ПАРИТЕ АКО УЧЕСТВУВАЛЕ ВО ИЗБИРАЧКИТЕ ОДБОРИ

    ИЗБОРНИТЕ ХОНОРАРИ ЌЕ СЕ ИСПЛАТАТ ДО КРАЈОТ НА МАРТ, КОЊАНОВСКИ СЕ НАДЕВА ОТИ НА ГРАЃАНИТЕ НЕ ИМ Е ДО ПАРИТЕ АКО УЧЕСТВУВАЛЕ ВО ИЗБИРАЧКИТЕ ОДБОРИСпоред Изборниот законик, за локалните избори парите за одборите ги плаќаат општините (Фото: СДК.МК)

    Целта на учество во избирачките одбори е да се даде нешто за државата, рече Тони Коњановски, градоначалникот на Битола, каде што не се целосно исплатени надоместоците за членовите на избирачките одбори, додавајќи дека се надева оти граѓаните не учествувале во изборниот процес поради финансиски надомест.

    На последната седница на битолскиот Совет на 13 март, на која градоначалникот се пофали дека имаат стопроцентна реализација на проектите за 2025, тој беше прашан од советниците од опозицијата до каде е исплатата на избирачките одбори вклучени во локалните избори во октомври 2025.

    „Поминаа четири месеци од завршувањето на изборите, се обраќаат граѓани кои биле ангажирани и прашуваат кога ќе бидат исплатени нивните средства. Кога толку добра е ситауцијата во Општината, мислам дека е редно после четири месеци да им се исплатат средствата на луѓето“, рече советникот Александар Дракуловски од СДСМ.

    Коњановски одговори дека според неговите информации, исплатени се 30 проценти од сумата, а до крајот на месецот ќе се доплати цела.

    „Можам со жалење да кажам еден интересен податок, дека многумина кои учествуваа во тие избирачки одбори жалеа што нема и втор круг. Значи, целта на учеството во избирачки одбор е да дадете нешто за државата, ве избрале и вие треба оваа граѓанска должност да ја одработите најдобро што можете. Се надевам дека луѓето не го прават тоа за финансиски надомест, меѓутоа точно е дека државата предвидела средства и тие ќе се исплатат до крајот на месецот“, рече Коњановски.

    И во соседната Општина Могила, членови на избирачките одбори реагираат дека досега не зеле ни денар. Нашите обиди веќе неколку дена да стапиме во контакт со градоначалникот Драганчо Саботковски останаа без успах.

    Во Општина Новаци, градоначалникот Стевче Стевановски ни изјави дека целосно се исплатени одборите уште во првата недела по локалните избори.

    Според Изборниот законик, за локалните избори парите за одборите ги плаќаат општините. Износот кој треба да го исплати Битола, според извори од Општинската изборна комисија, изнесува 20 милиони денари.

    Во последните изборни циклуси надоместоците се зголемени за да не доаѓа до откажување на членовите и во поголемите општини може да претставува дополнително оптоварување на буџетите. Надоместоците се определуваат според правилник на ДИК и зависат од бројот на избирачи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира