Норвешките обвинители побараа седум години и седум месеци затвор за синот на принцезата Мете-Марит, Мариус Борг Хојби, сметајќи дека тој треба да биде прогласен за виновен за 39 од 40-те обвиненија. Дваесет и деветгодишниот Хојби ги негираше најсериозните обвиненија, кои вклучуваат четири случаи на силување и сериозен напад.
Судењето, кое почна во февруари, ќе заврши до крајот на неделата, по што тројцата судии ќе се повлечат за да ја донесат пресудата.
Хојби е роден пред неговата мајка да се омажи за норвешкиот престолонаследник Хакон во 2001, но порасна во рамките на кралското семејство, иако не е негов член. Тој тврдеше дека имал консензуален секс со четирите жени, пред да се случат наводните силувања.
Хојби се изјасни за виновен за некои од помалите кривични дела, како обвинение за дрога и сообраќајни прекршоци и делумно го призна обвинението за сериозен напад врз жена во нејзиниот стан, но ги негираше обвиненијата за злоставување на неговата поранешна девојка Нора Хаукланд, со која одржуваше блиска врска.
Државната обвинителка Стурла Хенриксбе рече дека Хојби не е чудовиште и треба да биде осуден за она што го сторил, а не за тоа кој е.
„За три од обвиненијата за силување треба да добие до две години затворска казна, а за четвртата треба да добие тригодишна казна“, изјави Хенриксбе пред судот.



