Синоќа е уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, во полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Анакиев е уапсен поради сомнение за примање мито во износ од 50.000 евра.
Анакиев е потпретседател на Социјалистичката партија, а за директор беше поставен во јули 2024.
Од Социјалистичката партија, која е дел од власта, соопштија дека нивните очекувања од новата демократска власт се воспоставување на владеење на правото и на правната држава, но и одговорноста во работењето на секој поединец или институција. Од партијата реагираа на објавувањето фотографии од апсењето на нејзиниот член.
„Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира на нападното партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и на тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување. Социјалистичката партија на Македонија ги повикува надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги преземаат сите активности во разоткривањето на кој било случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност“, се вели во соопштението од СПМ.



