На 81 година почина Роберт Милер, бившиот шеф на ФБИ, кој како специјален обвинител ја водеше истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори во САД во 2016, што го обележа првиот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа.
„Добро, мило ми е што е мртов. Веќе нема да може да повредува невини луѓе“, кажа Трамп за смртта на Милер.
Милер беше директор на ФБИ од 2001 до 2013, откако беше назначен само неколку дена пред терористичките напади врз САД на 11 септември 2001. Тој е заслужен што ФБИ се претвори во модерна противтерористичка агенција.
Истрагата на Милер, која траеше 22 месеци, ја стави под лупа предизворната кампања во 2016, поради што беше жестоко критикуван и напаѓан од Трамп. Иако беа покренати обвиненија против 34 лица, меѓу кои и блиски соработници на Трамп, Милер на крајот не поднесе кривично обвинение против републиканскиот претседател, разочарувајќи многу демократи.



