ИМА ЖИВОТ И БЕЗ ЕУ, КАЖА ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ПО СРЕДБАТА СО СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА

    ИМА ЖИВОТ И БЕЗ ЕУ, КАЖА ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ПО СРЕДБАТА СО СИЉАНОВСКА-ДАВКОВАМилановиќ кажа дека на Македонија ѝ се поставуваат премногу услови и барања. - Од средбата во Скопје во мај 2025 (Фото: СДК.МК)

    Има живот и без ЕУ, кажа хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Загреб, осврнувајќи се на долгогодишниот процес на пристапување на Македонија кон ЕУ. Тој додаде дека на Македонија ѝ се поставуваат премногу услови и барања.

    Сиљановска-Давкова е во официјална посета на Република Хрватска.

    „Македонија сама одлучува што е најдобро за неа и кој пат го избира, претпоставувам дека тоа е патот на благосостојба, мир и спокој на граѓаните на Македонија. А ова другото, вклучително и ЕУ и НАТО, е фасада, некаков вид енергетска обнова, но она што ја прави куќата е одвнатре. Ова се мои размислувања, не се совети ниту за првиот сосед до кој живеам, а камоли за цела држава и народ. Тоа важи и за Хрватска, ЕУ е надградба, но никако зграда. Нашата куќа и традиција се на нашето земјиште, а ЕУ е добредојдена сензација додека трае. Тоа е тоа. Има живот и без ЕУ, и тоа успешен и достоинствен“, рече Милановиќ по средбата со македонската претседателка.

    Сиљановска-Давкова кажа дека Македонија се соочува со огромни притисоци од ЕУ да го промени Уставот.

    „Kако во секој Устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници или 150.000 граѓани и владата, не пишува Европската унија, а уште помалку дека може тоа да го направи некој од соседите. Тоа е доста голем притисок. Како држава, само бараме да се укинат двојните стандарди и нашите постигнувања еднакво да се вреднуваат“, изјави Сиљановска-Давкова.

    Таа додаде дека проширувањето на ЕУ денес не е само политичко, културно и економско прашање, туку и безбедносно.

    „Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди, какви што се барале од вас, или какви што се бараа и од другите членки. А тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања кои што се однесуваат на историјата, на културата и на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на договорот за Европската Унија јасно пишува дека ЕУ ги признава, бидејќи е единство на различностите, и ги почитува историјата, културата, јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните“, рече Сиљановска-Давкова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира