Емотивен и топол омаж на творештвото на композиторот Милан Завков, беше синоќешниот концерт во Филхармoнијата, насловен „Миланова игра“. Врвниот инструменталист и композитор, првенецот на Националниот ансамбл „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, ненадејно почина на 7 февруари 2023 на 61 година, оставајќи наследство како композитор и аранжер од над 800 дела.
За овој концерт беше специјално формиран камерен оркестар, диригираше Дијана Имери-Илкоска, а беа изведени вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, во инспиративни аранжмани преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски. Настапија доајените на фолк музиката Виолета Томовска, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан и Ленче Кукиќ и музичарите Катарина Броња (флејта) и Дино Имери (пијано). Концертот го органираше„Баги комуникации“.
Публиката уживаше во фолк песните и ората, потсетувајќи се на богатото музичко наследство на Завков, а крајот беше особено емотивен кога Сузана Спасовска ја повика на сцената Виолета Томовска и сите учесници и во чест на нејзиниот роденден односно денес, кога таа полни 81 година, заедно ја изведоа „Ај засвирете млади момчиња“.
Завков на сцената има соработувано со многу музичари, а зад него ќе останат врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски. Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и стекнува углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Концертот го водеше Ирена Спировска, која кажа дека Завков почнал да свири хармоника од 8-годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
Во 1970 година, со популарниот „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата четиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ остварува врвни музички интерпретации и значаен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи.
Б. НЕСТОРОСКА









