Откако Советот на јавни обвинители на денешната седница едногласно ја отфрли иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, која побара заштита зашто се почувствува нападната и политички притисната по изјавите од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, таа праша: Зошто не го повикавте премиерот за да процените кому ги упати навредите? Одлуката ја донесе Советот во состав Башким Бесими – претседател, Ненад Савески – Државен обвинител и членовите Марјана Илиеска, Душица Димитриеска, Јелена Догазанска-Колева, Зорица Павловиќ, Ермон Незири, Кети Петкова, Светлана Стојковиќ, Ардиан Демири и Фатих Алиу.
Ристоска побара заштита од матичниот Совет на јавни обвинители по нападите и навредите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која таа ја има обвинето за криминал и од премиерот Мицкоски, но Советот денеска одлучи да не ја заштити. Ристоска е обвинителка и за предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ за финансирање на партијата со перење пари од поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако премиерот ја нарече обвинителката „медиокритет со политичка матрица“, Советот денеска зазеде став дека овие квалификации не се конкретизирани и не претставуваат повреда на нејзиниот интегритет. Во заклучокот се вели дека таквите изјави не влијаат врз самостојноста на нејзиното одлучување во предметите.
„Со оваа одлука, Советот практично остава простор јавни прозивки од обвинети лица или нивни законски застапници, штетни за интегритетот и самостојноста на обвинителите да останат без институционална реакција. Навистина не ми е јасно како квалификации како ‘медиокритет со политичка матрица’ не се конкретизирани и не се препознаваат како напад врз интегритетот и самостојноста на обвинител, кој по дефиниција треба да биде професионален и непристрасен“, реагираше Ристоска по одлуката на Советот.
Таа праша зошто не е повикан и прашан Мицкоски на кој медиокритет мислел, кога новинарското прашање и контекстот биле за неа и за предметите што ги води.
„За мене е сосема јасно дека изјавата на претседателот на Владата се однесува на мене, а ако Советот имал дилеми во однос на индивидуализацијата на изјавата, можел да го повика изјавувачот да појасни на кого се однесувала неговата изјава. Дополнително, целосно е занемарен и контекстот во кој е дадена изјавата, а кој објективно упатува на притисок врз мојата работа и мојот професионален интегритет. Имено, предметите во кои се засегнати интересите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ се единствените предмети кои јас како обвинител ги застапувам на суд, а изјавата доаѓа од претседателот на Владата кој како законски застапник на обвинетата политичка партија има директен процесен интерес од исходот на овие постапки“, вели обвинителката на предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.
Таа вели дека Советот на јавни обвинители не го положи својот тест и светна зелено за притисоци и напади врз обвинителите од моќните центри.
„Со оваа претставка сакав да го тестирам новиот механизам на Советот кој, за жал, се покажа како формален, а не суштински. Ова испраќа порака дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со притисоци, навреди и клевети од засегнати страни и центри на моќ“, им кажа Ристоска на Бесими, Савески, Илиеска, Димитриеска, Незири, Демири, Алиу, на Павловиќ, Стојковиќ, Петкова и Догазанска-Колева.
С. К. ДЕЛЕВСКА



