Ерхан Хаџиминтас, полицаец од Кочани, како сведок против тројцата полицајци од првата обвинета група службени лица кои придонеле за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс”, на денешното судење рече дека учествувал во акциска контрола на угостителскиот објект.
Тоа било на крајот на 2023 година. Одговорен на екипата бил Горан Лазаров и нему му ги дал собраните лични карти од малолетници.
На обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во првата група службени лица се обвинетите: Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, сите од Кочани, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025, при што загинаа 63 млади луѓе, а над 230 беа повредени.
Против нив, обвинителката Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен предлог, кој денеска го застапуваше друга обвинителка, Спасенка Андонова од ОЈО ГОКК.
Според обвинителниот предлог, во периодот од 07.10.2023 до 07.02.2024 година, полициските инспектори Богатинов и Лазаров не ги извршиле своите службени должности и не постапиле по анекс-планот за акциска контрола при изготвувањето на записниците за извршената контрола. При таа контрола, тие констатирале нарушување на јавниот ред и мир, но внеле погрешни податоци за фирмата и за одговорното лице на кабарето „Пулс“.
Темелков, пак, како командир на ПС Кочани, при одобрување барање за прекршочна постапка во два случаја во 2024 година, иако бил должен да ја провери целокупната документација, потпишал и поднел барање до Основниот суд Кочани против згаснатото правно лице „Класик ДМ Кочани“ и против Дејан Јованов, кој не бил одговорно лице на клубот „Пулс“.
Во „Пулс“ било констатирано нарушување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, а овие тројца обвинети намерно внесувале неточни податоци.
Богатинов при контролата воопшто не побарал лиценца за работа на клубот.
Со неточните податоци, двајцата инспектори и командирот му овозможиле на „МММ Кафе“ непречено да работи, односно прибавиле имотна корист за „МММ Кафе ДООЕЛ“, за нејзината подружница „Пулс“ и за нејзиното вистинско одговорно лице Митко Стојанов.
Со ваквите дејствија, на обвинетите им се става на товар кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Првиот сведок денеска на прашања на одбраната, кажа за самоволието на газдата Дејан Јованов кој не им дал ни документи за клубот и за фирмата кога биле во контрола и наоѓале малолетници во диското.
„Сопственикот Дејан Јованов-Деко почна да вика, нервозно да реагира. Ние и претходно имавме дуел со него за малолетниците. Излеговме надвор, тој не сакаше да соработува. Јас со малолетничките останав надвор за да ги повикаат родителите да дојдат, Горан направи записник”, кажа сведокот колку биле немоќни пред газдата на импровизираното диско.
На прашање на адвокат, тој се врати наназад во април 2023 година и кажа дека и во таа контрола газдата Деко не сакал да соработува за затекнатите малолетни лица во неговиот импровизиран диско клуб.
Во контролите одговорниот побарал документи за тековната состојба на клубот, Дејан Јованов одбил да им даде.
Новата обвинителка Спасенка Андонова, која е на местото на Ивана Трајчева на која и ги одзедоа трите случаи, односно трите обвиненија против одговорни полицајци за катастрофалниот пожар, побара прецизирање:
„Дали побарвте документи за сопственоста, за дејноста на објектот Пулс?”.
„Да, побара одговорниот, но газдата Дејан не соработуваше со одговорниот”, раскажа сведокот на нивната немоќ пред т.н. газда Деко.
„Дали поднесовте извештај за тоа?”, праша обвинителката, на што сведокот одговори негативно.
Сведокот Борче Иванов, вработен во комисијата за прекршоци во МВР, беше исто така повикан како сведок на одбраната, да зборува за плановите за контрола на дискотеката „Пулс” и за тоа кога се поднесуваат прекршочни пријави.
Ова судење по брза постапка, продолжува на 20 април во 12 часот.
Следуваат одделни судења на уште две групи полициски службеници одговорни за коруптивното работење на дискотеката „Пулс“, што доведе до невидената катастрофа на 16 март 2025.
С. К. ДЕЛЕВСКА



