Земјоделските производители од Кочанско се соочуваат со сериозна неизвесност и страв непосредно пред почетокот на новата сеидбена сезона. Само една недела пред стартот на сеидбата на оризот, многумина од нив се двоумат дали воопшто да го започнат производството, имајќи го предвид досегашното искуство со ниските откупни цени кои, како што велат, носат исклучиво загуби.
Претседателот на Здружението на кочанските оризопроизводители, Здравко Арсов, предупредува дека состојбата е неодржлива и дека производителите уште на самиот почеток се соочуваат со финансиски минус.
„Оризовите картели кои го диктираат откупот и нудат цени дури и од 17 денари за килограм арпа, прават оризопроиводителите да се откажат од натамошната дејност. Уште во старт ние одиме во загуба. Откупните цени се далеку од производствената цена, која со најновите зголемувања цените на нафтата и ѓубривата треба да изнесува најмалку 35 денари“, вели Арсов.
Според него, и минатогодишната сезона била исклучително тешка. Обилните врнежи ја одложиле жетвата, поради што дел од производителите биле принудени да жнеат дури и во текот на оваа година. Дополнителен проблем било тоа што арпата останувала влажна, додека сушари поседуваат само откупувачите. Тие, најпрво ја обработувале сопствената арпа произведена на големи површини, додека родот на помалите производители останувал да се расипува и да се фрла.
Најдрастични случаи, според информациите од терен, биле забележани во атарите на селата Жиѓанци, Соколарци и Спанчево, каде значителни количини оризова арпа пропаднале.
Покрај ова, оризопроизводителите се соочуваат и со сериозен недостиг на работна сила, бидејќи младите сè почесто заминуваат во странство. Дополнителен притисок создава и увозот на евтин и неквалитетен ориз, што директно влијае врз домашното производство и го нарушува угледот на македонскиот ориз како бренд.
Арсов вели дека обидите за пренасочување кон други култури не дале резултат.
„Пробавме и да го замениме оризот со други култури, со шеќерна репка, пченка и слично, но тие не виреат на кочанските оризови полиња. И јачменот и пченицата не само што не виреат, туку и овие култури имаат ниски откупни цени од 17-19 денари за јачменот, до 21 денар за пченицата. Немањето домашно лебно живот ќе придонесе наскоро еден леб да чини колку еден килограм злато“, вели Арсов.
Во вакви услови, оризопроизводителите апелираат до надлежното Министерство за земјоделство итно да реагира пред почетокот на сеидбата. Тие бараат донесување конкретни мерки и утврдување откупни цени што ќе ги следат инфлаторните движења на репроматеријалите, семето, горивата и заштитните средства. Се бара и засилување на инспекциските контроли врз откупувачите, поради, како што тврдат, постоење сериозни индиции за неправилности и корупција во аграрниот сектор.
Т. ЈОВАНОВСКИ



