БиХ, Чешка, Шведска, Турција, Демократска Република Конго и Ирак се последните селекции кои обезбедија пласман на годинашното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.
Четирикратниот светски првак Италија ќе го пропушти својот трет мундијал по ред откако беше елиминирана од БиХ по изведувањето пенали во Зеница. Еспозито и Кристанте беа непрецизни за Италија во пенал-серијата, а домашната селекција ги реализираше сите удари, откако по 120 минути игра беше 1:1.
„Ова многу боли. Би дал години од мојот живот, пари, за да ја оствариме нашата цел“, рече селекторот на Италија, Џенаро Гатузо.
И додека Италијаnците беа во солзи, десетици илјади луѓе го славеа вториот пласман на БиХ на светските првенства.
Историска шанса испушти Косово, откако во Приштина изгуби од Турција со 1:0, Шведска ја победи Полска со 3:2, додека Чешка беше подобра од Данска, исто така по изведувањето пенали (2:2 по 120 минути игра, 3:1 по пенали).
Во интерконтиненталните баражи, ДР Конго ја совлада Јамајка со 1:0 и ќе игра на СП за првпат од 1974 година, кога оваа држава се викаше Заир. Во другиот меч, Ирак ја совлада Боливија со 2:1 во Мексико и се пласираше на СП по 40 години пауза.



