Ветеринарот Воислав Димитровски е нов директор на скопското Јавното претпријатие (ЈП) „Лајка“. Од Град Скопје велат дека Димитровски е назначен на оваа функција откако на досегашната директорка Радмила Пешева ѝ истекол мамдатот.
„Во изминатиот период, на поранешната директорка ѝ беше дадена можност да ги покаже своите менаџерски капацитети, при што мандатот ѝ беше продолжен во два наврати од по еден месец, како в. д. директорка. Сепак, имајќи ги предвид предизвиците во функционирањето, отсуството на видливи резултати, како и бројните реакции и пријави од граѓаните, беше неопходно да се направи промена во раководството на ЈП ‘Лајка’.Нашата цел е да обезбедиме стручно, одговорно и посветено управување, со кадар од областа на ветеринарната медицина и со луѓе кои искрено се залагаат за хуман третман и благосостојба на животните”, велат од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Димитровски беше директор на „Лајка“ кога на градоначалничката функција дојде Данела Арсовска во 2021. Тој си даде оставка од функцијата заедно со другите директори на јавните претпријатија во септември 2022, откако Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ.
А. АНТЕВСКА



