НЕ СЕ БЕСПЛАТНИ АНТИБЕБИ ПИЛУЛИTE И НИКОТИНСКИTE ФЛАСТЕРИ СТАВЕНИ НА НОВАТА ЕСЕНЦИЈАЛНА ЛИСТА НА ЛЕКОВИ

    НЕ СЕ БЕСПЛАТНИ АНТИБЕБИ ПИЛУЛИTE И НИКОТИНСКИTE ФЛАСТЕРИ СТАВЕНИ НА НОВАТА ЕСЕНЦИЈАЛНА ЛИСТА НА ЛЕКОВИ

    Антибеби пилули како и трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање се дел од производите кои се ставени на есенцијалната листа на лекови, која последен пат била ажурирана во 2015, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу. Како основа е користена листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација (СЗО). Дел од лековите на оваа листа, меѓу кои и контрацептивот и антиникотинските препарати, не се достапни бесплатно туку во државата мора да ги има во секое време.

    Доцент д-р Зоран Стерјев, координатор на групата која работела на ажурирање, рече дека сега имаме ревидирана есенцијална листа во којашто се наоѓаат сите најнеопходни лекови за лекување на заболувањата, најприоритетните и најчестите заболувања.

    „Разликата помеѓу есенцијалната и позитивната листа на лекови, односно листата на лекови којашто паѓа на товар на Фондот за здравствено осигурување, е тоа што есенцијалната листа содржи препарати коишто државата на некој начин мора да ги има обезбедено во секое време, иако за некои од нив можеби и нема економска исплатливост, меѓутоа заради можноста да се појават одредени заболувања, одредени патологии, мора да бидат присутни во државата во одредени количини коишто ќе овозможат лекување на таквите заболувања“, рече д-р Стерјев.

    Во работната група учествувале анестезиолог, инфектолог, педијатар, специјалист од областа на интерни заболувања, кардиолог, фармаколог, фармацевти.

    „Она што е специфично и што би требало да се напомене, согласно со политиките и на Министерството за здравство коишто се актуелни, во есенцијалната листа за прв пат имаме и никотинска заменска терапија. Тоа се трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање. Понатаму, имаме едно контрацептивно средство. Направена е реорганизација и на антиинфективните лекови коишто беа присутни досега. Зголемен е бројот на антиинфективни лекови коишто сега се наоѓаат на есенцијалната листа. Исто така, во делот на ЦНС лекови коишто делуваат на ЦНС заболувањата, имаме значително зголемен број на лекови во однос на старата есенцијална листа“, рече д-р Стерјев.

    Тој кажа дека од 32-те групи на лекови коишто се на модел-листата на Светската здравствена организација, со исклучок на стоматолошката група на лекови, сите останати ги има и на нашата есенцијална листа.

    „Зошто со исклучок на стоматолошките препарати? Затоа што колегите од стоматологија се изјаснија дека тие препарати коишто сега се на модел -истата на Светската здравствена организација нема потреба да се најдат на нашата есенцијална листа. Листата содржи најсуштинските лекови коишто се користат во третман на заболувањата. На пример, имате на есенцијалната листа пет антиепилептици. Групата на антиепилептици е многу поголема, меѓутоа овие пет се користат како најсуштински прв избор на лекови од прв избор за третман на различни епилептични синдроми. Додека кај позитивната листа, постои правилник за ставање на лекови на позитивна листа и тука покрај есенцијалните лекови се наоѓаат и други лекови за коишто во одреден момент државата, односно Фондот за осигурување, има средства да ги покрие и да станат достапни на граѓаните преку рецепти. Во основа, многу висок процент од лековите коишто се наоѓаат на есенцијалната листа ги има и на листата на лекови на позитивната листа“, појасни тој.

    Д-р Стерјев додаде дека она што е многу значајно е што кога лековите се наоѓаат на есенцијалната листа, тоа значи препознавање и од страна на државата за неопходноста од нивното присуство во државата, односно да бидат достапни. Тоа поттикнува нивна достапност, а советувалиштата коишто постојат за одвикнување од пушење и матичните лекари коишто ќе ја имаат предвид есенцијалната листа, значи кога ќе видат дека ги има тие препарати, достапноста ќе се зголеми и ќе почнат да ги препишуваат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира