КОНТРАФИЛМСКО ДРУШТВО САКА ДА ГО ЗЕМЕ ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

    КОНТРАФИЛМСКО ДРУШТВО САКА ДА ГО ЗЕМЕ ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

    И Друштвото на филмски работници (ДФРМ) доби конкурентско здружение, кое сака да го преземе организирањето на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ од Битола. Станува збор за Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ од Битола, зад кое стојат поранешниот директор на фестивалот Димитар Николов-Таки заедно со уште други дваесетина уметници. И Центарот за филм и Друштвото на филмски работници доставиле пријави за фестивалот „Браќа Манаки“ на конкурсот за финансирање објавен од Агенцијата за филм.

    Според статутот и правилникот за работа, ДФРМ е основач и организатор на „Браќа Манаки“ и го именува и разрешува директорот на фестивалот. Годинава ќе биде 38. издание на фестивалот.

    Николов-Таки важи за близок соработник на битолскиот градоначалник Владимир Талески. Додека беше директор на „Браќа Манаки“ заедно се појавуваа на проекциите и другите случувања на фестивалот. Пред пет месеци регионалниот филмски фонд БЦЦ, во кој е вклучен и Николов-Таки, потпиша меморандум за соработка со Општина Битола и други субјекти за заеднички настап пред европските фондови за филмски проекти.

    Според дописот што Агенцијата за филм го испратила и до ДФРМ и до Центар за филм, од Агенцијата се изненадени дека за еден проект има двајца подносители, па не може „да пристапи кон евалуација без претходно да биде информирана за причините за настанатата ситуација“.

    „Поради фактот што во претходните години во континуитет организацијата на фестивалот беше водена од страна на Друштвото на филмски работници на Македонија , Агенцијата за филм е изненадена од пријавата на новоформираното здружение ‘Центар за филм’ Битола. Се обраќаме до двата подносители со цел барање на образложение за што станува збор и кои се намерите“ пишува во дописот на директорката на Агенцијата Мими Ѓоргоска Илиевска.

    Друштвото на филмски работници (ДФРМ) досега го организираше фестивалот „Браќа Манаки“; – од ланското отварање (Фото: СДК.МК)

    Од Друштвото на филмски работници одбија да коментираат и рекоа дека ќе се произнесат на утрешната прес-конференција закажан за 11 часот во Скопје. Исто така утре, во 13.30 часот во Битола прес-конференција ќе одржи и „Центарот за филм“.

    Во телефонскиот разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК, Николов-Таки рече дека целта на Центарот за филм е да отвори дебата за тоа како се организира фестивалот „Браќа Манаки“.

    „Сакаме да отвориме корисна дебата за тоа како се организира фестивалот. Дали тоа припаѓа на  на една група луѓе или пак на Битола и на сите граѓани. Битолчани се свесни дека фестивалот не е на ниво на кое треба да биде,  а Битола со влегувањето во мрежата на светски филмски градови на УНЕСКО има обврска да се грижи за филмот“, вели Николов.

    Тој посочи дека Центарот за филм планира да се појави како административен субјект кој може да ѝ помага на Битола како филмски град. Запрашан дали ја имаат поддршката на Општина Битола во нивната иницијатива, Николов рече сѐ уште не, но дека знаат оти Општината е спремна да соработува со секого кој ќе понуди идеи и нивна реализација прифатливи за градот.

    Димитар Николов-Таки во 2015 една година беше директор на фестивалот „Браќа Манаки“, но Друштвото на филмски работници го разреши поради несогласувања во однос на насоките по кои треба да се движи фестивалот. Уште тогаш настана препукување помеѓу Друштвото и Таки, кој тврдеше дека со перфидна постапка преку измена на правилникот за работа неправилно бил разрешен.

    Центарот за филм во Битола го поддржува и режисерот Сашо Миленковски, кој треба да го режира и документарецот за развојот на градот од 2005 до 2017 година за периодот на трите мандати на градоначалникот Владимир Талески, што Општината ќе ја чини околу 8.200 евра. Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола тешки 360.000 евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира