ПРАВИМЕ АНАЛИЗИ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ПРОСЛАВАТА НА 75 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО

    ПРАВИМЕ АНАЛИЗИ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ПРОСЛАВАТА НА 75 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО„Во депоата секојдневно се санираат проблемите што ќе се појават, не е истата состојба од пред неколку месеци, сега се во многу подобра состојба од претходно“, рече денеска Богески. (Фото: К. Попов)

    „Столб на македонската држава, колективна меморија“ е мотото со кое Државниот архив на Mакедонија денеска одбележа 75 години од основањето во 1951 година, со указ на тогашната Влада. По седум и пол децении постоење предизвик на институцијата е дигитализација на документите. Директорот на Архивот, Димитар Богески, изјави дека прават анализи колку би ги чинело дигитализацијата, не само на Државниот архив туку и на деветте подрачни одделенија во неговиот состав.

    Рече дека имаат пилот-проект од Владата на Словенија за информациски систем односно софтвер, на кој дигитализираниот материјал, рече, ќе го закачат и ќе биде достапен за научната јавност и за заинтересираните граѓани. Со оглед дека иднината е во електронски документи, Богески кажа дека ќе изработат план за техничките услови што треба да ги создадат за Архивот за наредните сто години и планот ќе го претстават пред Владата,

    „Доаѓа ерата на електронски документи, кои ќе треба некаде да се складираат. Треба да се формираат информациски системи – дали ќе бидат на облак или на сервери и потоа тие системи треба да бидат заштитени од кибернапади. Тоа ние треба да го одработиме во овој период. Кадар ни недостига особено во информатичката технологија, но се снаоѓаме, праќаме луѓе на обука. Од септември Државниот архив ќе понуди финанисирања за дооформување на знаењето и за дообука на одреден број на вработени, кои го немаат соодветното знаење“, рече Богески.

    Според директорот на Државниот архив, може да се гордееме со стари и ретки документи и со нивното соодветно чување. Најстариот документ е Евангелието на Лука од 12. век, најден во фондот на охридското семејство Робевци од 19. век. Раритетни и исклучително значајни, рече, се и документите од османлискиот период.

    „Во нашите депоа имаме документи што ни самата Османска империја ги немала, како на пример Битолскиот кадилак, кој во период од 1629 до 1912 година во континуитет се наоѓа тука, во Македонија, а го немала Империјата, па врз основа на меморандум за соработка беа тука (истражувачи од Турција), ги дигитализираа и сега ги поседуваат, но во дигитална форма. Она на што ние може да се гордееме е дека оригиналите се наоѓаат кај нас во Државниот архив. И не само тоа – целиот континуитет на државноста на Македонија, основните документи се наоѓаат во Државниот архив, и затоа денес нашето мото е ‘Столб на македонската држава“, изјави Богески.

    По 40-ина години поминати во стариот објект (од 1969), Државниот архив од 2014 е сместен во нов објект и таму беа оштетени документи во архивските депоа поради проблемот со протекување. Богески изјави дека проблемите се санираат и оти состојбата сега е многу подобрена.

    „Во депоата секојдневно се санираат проблемите што ќе се појават, не е истата состојба од пред неколку месеци, сега се во многу подобра состојба од претходно. Се надеваме дека во најскоро време ќе ги решиме сите и дека повеќе ќе немаме проблеми од таков вид. Во однос на конзервацијата и реставрацијата, секторот го дополнивме со нови вработени и веќе работиме секојдневно на оштетените документи. Дополнително, со Архивот на Турција имаме склучено договор и мислам дека во мај таму ќе испратиме тим на дообука за современи методи на конзервација и реставрација“, рече Богески.

    За набавка односно откуп на документи поврзани со Македонија, кои се наоѓаат во архивите на други земји, како што рече, имаат програма за истражување и нив да ги донесат овде, но дека процесот е скап.

    „Правиме програма во која ги вклучуваме и Институтот за национална историја и Катедрата за историја на Филозофскиот факултет и онаму каде што ќе имаме средства несомнено дека ќе испратиме луѓе и ќе донесеме документи и материјали што се поврзани со Македонија. Во Државниот архив, исто така, имаме околу 3.500 микрофилмови, архивска граѓа донесена од други држави, но, за жал, досега не се обработени и не знаеме што содржат. Формиравме тим со задача да направи попис и опис на тие микрофилмови, да знаеме точно со каква граѓа раполага Државниот архив. Се надеваме дека ќе дојдеме до голем број документи што ќе бидат од исклучително значење за нашата држава“, кажа Богески.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира