ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

    ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛРистоска долго време е под силен јавен притисок од ВМРО-ДПМНЕ, од лидерот и премиер Христијан Мицкоски, а со години е под мобинг од Советот на јавни обвинители, уште од времето на СДСМ, па до денеска. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Ленче Ристоска денеска до архивата на Советот на јавни обвинители поднесе оставка на функцијата Јавен обвинител.

    Пред два дена ѝ ги зедоа предметите за висока корупција „Талир 1” и „Талир 2”, поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.

    „Последните одлуки на Советот на јавни обвинители и на новиот Државен јавен обвинител многу се штети на позицијата на Јавното обвинителство и сè тоа е спротивно на сите принципи за кои се борам и се залагам низ годиниве. Ова со одземањето на предметите “Талир 1“ и “Талир 2” беше кулминација. Веднаш штом ми кажа Обвинителот Ненад Савески дека ќе ги одземе овластувањата на обвинителите, му кажав дека за мене е неприфатливо таквото однесување и оти таквото однесување ќе значи и моја оставка од функцијата јавен обвинител“, изјави Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда).

    На прашање, таа одговори дека го известила Савески оти нејзиното тргање од предметот „Талир 2” кое е за незаконското финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, и назначувањето на нов обвинител кој треба да се запознае со предметот, ќе значи враќање на судењето отпочеток. И, оти тоа ќе е најзабрзаниот чекор до апсолутно застарувње на овој предмет, кој имаше шанса да се заврши.

    Ристоска долго време е под силен јавен притисок од ВМРО-ДПМНЕ, од лидерот и премиер Христијан Мицкоски, а со години е под мобинг од Советот на јавни обвинители, уште од времето на СДСМ, па до денеска. Таа ги застапува обвиненијата за висока корупција во претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но од кои финансиски е засегнато и ова на Христијан Мицкоски. Партиски имот вреден скоро пет милиони евра е замрзнат со години, а државниот буџет е оштетен и со „Талир 1”, кој е за перење пари.

    Советот на јавни обвинители, пак, поради јавноупатените критики од Ристоска дека тргува со влијанија и работи по партиски нарачки, не ја унапредува на огласите.

    Лани оваа влада турна оглас за судија во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур поради високиот ранг на Ристоска по спроведените интервјуа, а на новиот оглас таа не конкурираше, бидејќи премиерот Мицкоски јавно кажа дека таа нема да биде предложена за македонски судија во Судот.

    Ристоска одговара дека не знае каде ќе оди професионално по оставката, вели дека прво сака да ѝ ја раскаже својата приказна на јавноста.

    „Во секој случај многу се радувам што мојата борба и посветеноста за принципите ќе можам да ги реинвентирам, а ќе се потрудам да најдам начин да дадам можеби поголем придонес однадвор, отколку што се обидував да го направам одвнатре”, вели таа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира