„МАЈЧИН ДОМ“ ВО СКОПСКИ АЕРОДРОМ ДОБИ НОВ ДЕКСАСКЕН АПАРАТ ЗА ОСТЕОПОРОЗА

    „МАЈЧИН ДОМ“ ВО СКОПСКИ АЕРОДРОМ ДОБИ НОВ ДЕКСАСКЕН АПАРАТ ЗА ОСТЕОПОРОЗАСтанува збор за апарат со пошироки дијагностички можности, кој ќе овозможи не само навремено откривање и следење на пациентите со остеопороза, туку и примена кај деца, проценка на вертебрални фрактури, како и кај пациенти со ендопротеза на колк. (Фото: Министерство за здравство)

    Во објекот „Мајчин дом“ во скопската општина Аеродром од денес има најсовремен апарат дексаскен, наменет за навремена дијагностика и следењето на остеопороза. „Мајчин дом“ е објект на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

    Д-р Марта Фотева рече дека остеопорозата е светски здравствен проблем којшто во последните децении зема голем замав. Најголема компликација и проблем со остеопорозата е што таа предизвикува скршеници, и тоа обично тешки скршеници во областа на колкот, ’рбетот и кај подлактицата. Целта на третманот на остеопорозата е да се спречат тие скршеници.

    „​Трошоците коишто ги вклучува лекувањето можат да се избегнат. Значи, болничко лекување, операции, многу лекови, ортопедски помагала, рехабилитација, тоа се сè огромни трошоци коишто, покрај овие што ги реков емотивни и физички хендикепи, предизвикуваат пациентите да не можат да продолжат со својот нормален живот. ​Значи, првиот чекор е да ја дијагностицираме остеопорозата, да можеме да ја следиме, а тоа можеме само со апарат за дензитометрија. ​Ние како Ортопедска клиника бевме предводници во лекувањето и дијагностицирањето на остеопорозата уште пред 20 години. Нашиот апарат беше многу стар веќе, па пред скоро една година престана и да работи. Така што, на стручниот колегиум со директорот Игор Мерџаноски се дискутираше за набавка на нов апарат којшто е современ и којшто ќе може да одговори на нашите потреби. ​И тоа се направи, така што Клиниката со сопствени средства набави нов, современ апарат за дензитометрија, со којшто сега можеме да ги следиме нашите пациенти. Понатаму се надеваме со Министерството за здравство да формираме еден регистар на овие пациенти со остеопороза за да можеме да ги следиме. И секако, апаратот ќе се користи и за научна апликација во склоп на Медицинскиот факултет во Скопје“, кажа д-р Фотева.

    Според министерот за здравство Азир Алиу, особено е важно што станува збор за апарат со пошироки дијагностички можности, кој ќе овозможи не само навремено откривање и следење на пациентите со остеопороза, туку и примена кај деца, проценка на вертебрални фрактури, како и кај пациенти со ендопротеза на колк.

    На новинарско прашање колкава е листата на пациенти кои чекаат за снимање, д-р Фотева рече дека ги покриваат пациентите со други четири апарати коишто функционираат во Скопје, но сега и овој апарат кога ќе се пушти повторно во употреба, верува дека ќе биде уште подобро.

    „​Секогаш ќе има помалку чекање. Значи, дензитометријата не е некоја итна метода како операциите што ги правиме, на пример, да мора денес да се направи. Значи, затоа ние се фокусираме на тоа да возрасните луѓе, кога ќе си најдат термин, да си дојдат, да си се прегледаат и да откриеме дали имаат остеопороза.
    ​Инаку, сме секогаш отворени и некогаш имаме дури и некои дечиња примаме на апаратот, ако има некои болести каде што се јавува и кај децата остеопороза. Значи, имаме за итни случаи секогаш слободни термини. Зборувам за редовно она што е снимање, дека има време да си закажат пациентите, да не се нервираат, да си дојдат на термин и да си ја завршат работата“, кажа д-р Фотева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира