ЕЛЕНА ЛОТЕСКА-НАУМОСКА Е ПРВАТА ЖЕНА КАПЕТАН НА БРОД ВО ОХРИД

    ЕЛЕНА ЛОТЕСКА-НАУМОСКА Е ПРВАТА ЖЕНА КАПЕТАН НА БРОД ВО ОХРИДЕлена Лотеска-Наумоска е во групата од 16-мина кои го положија испитот и се стекна со сертификати за управување со пловни објекти на нови капетани и опслужувачи на бродови. (Фото: СДК.МК)

    Охрид ја доби првата жена капетан на брод – Елена Лотеска-Наумоска е во групата од 16-мина кои го положија испитот и се стекна со сертификати за управување со пловни објекти на нови капетани и опслужувачи на бродови.

    Сертификат добија еден заповедник на брод за управување со брод по меѓународен пат, осум заповедници на брод за управување на државен пловен пат, еден водач на палуба и шест морнари.

    „За првпат од 2005 кај нас се организира полагање испити за пловни објекти. Заеднички со капетанијата на пристаништа и стручните служби во Секторот за транспорт на Министерството ги направивме потребните законски и подзаконски измени, за да ги овозможиме овие полагања. Досега тие се изведуваа во странство, што значи дополнително оптеретување на лицата што се занимаваат со дејноста“, рече министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска во Охрид.

    Николоски кажа дека во тек е изработка на проект за нова реконструкција на Градскиот кеј, вклучувајќи го и пристаништето пред хотелот „Палас“ и Градското пристаниште.

    „Последен пат интервенции на Градскиот кеј се вршени во 1990-те години, така што моментално Општина Охрид работи на делот на проектирање на идниот изглед на Кејот, додека Министерството за транспорт се работиме делот на реконструкција на пристаништата. Очекувам заеднички да изготвиме проект што ќе значи целосно партерно уредување на Кејот од една страна, а од друга страна ставање во функција на пристаништето кај хотелот „Палас“ за полесни и помали пловни објекти, додека Градското пристаниште да добие комплетно нов лик“, рече тој.

    Пред хотелот „Палас“, како што рече Николоски, би се лоцирале помалите пловни објекти, а на главното пристаниште би се опслужувале поголеми пловила, со изградба на уште еден крак и продолжување на постојното пристаниште. Тоа би добило и нова електрична инсталација за опслужување на бродовите и современ систем за дотур на горива.

    Откако ќе биде изготвена проектната документација, истата ќе биде доставена во Париз на разгледување и одобрување, за што Николоски рече дека начелно има согласност во УНЕСКО за овој зафат.

    Капетанот на Капетанијата на пристаништа во Охрид, Илија Арнаудоски, истакна дека во насока на подобрување на севкупната безбедност на пловидбата на Охридското Езеро, набавен е нов глисер за инспекциската служба на Капетанијата вреден пет милиони денари (над 80.000 евра).

    Според податоците од Капетанијата на пристаништа во Охрид, во бродскиот регистар има 3.450 пловни објекти на ниво на цела држава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира