Попушти плафонот од таванот од Големата сала во Центарот за култура во Битола. Оштетувањата беа забележани навреме и отстранети без да паднат врз столчињата за публика и да предизвикаат просериозни проблеми.
Сашо Илковски, кој е директор на Центарот осум месеци, вели дека плафонките биле зашрафени со шајчиња од 40 милиметри за внатрешната дрвена конструкција.
„Се пристапи кон отстранување на десетина иверици од внатрешноста. Од вчера веќе почнавме да истражуваме кои компании ќе можат да го санираат. Денес или утре ќе почне санацијата“, рече Илковски.
Плафонките биле зашрафени со шајчиња од 40 милиметри за внатрешната дрвена конструкција. (Фото: СДК.МК)
Од колегите дознал дека и во изминатите години во два наврата имало ваков проблем на други места од плафонот и биле санирани.
Сега од безбедносни причини ќе биде зашрафен и останатиот дел од плафонот. На покривот од објектот нема прокапувања.
Во меѓувреме, одложени се сите настани во Центарот за култура.
Илковски вели дека од неговото доаѓање на функцијата директор заедно со директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, ја поправиле хидрантската мрежа која не работела 7-8 години.
„Во Центaрот за култура проработе и металната завеса, ја исчистивме поранешната кафеана за свадби која сега е предвидена како простор за Фестивалот на монодрама што започнува од 23 април. Таа ќе биде нова сцена за креативни содржини. По забелешка на инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување се пристапи кон изработка на елаборати за нисконапонската и громобранската мрежа“ рече Илковски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



