По намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти, Владата на денешната седница донела одлука дополнително да се намали и акцизата за горивата за да поевтинат, т.е. да не поскапат (цената да се амортизира).
„Бидејќи поминаа оние две недели од како беше намалена стапката од ДДВ од 18 на 10 проценти сакам да ја информирам јавноста дека ја продолжуваме мерката до крајот на кризната состојба којашто отприлика околу 20 април треба да истече. Значи ја продолжуваме намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, а истовремено донесовме одлука со којашто се овозможува намалување на акцизите на дизелот за 4 денари, а за безоловните бензини 95 и 98-октански за 2 денари по литар, со што драматично ќе се почувствува кај цените на бензините“, соопшти на денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.
Тој пресмета дека ако не се случеше ова намалување на акцизата, литар дизел ќе беше отприлика 102 денари, бидејќи берзата се затвори во четврток поради Велигденските празници и ќе се рестартира во вторник. Цените на безоловните бензини 95 и 98-октански, според Мицкоски, ќе беа поголеми за 1,5 до 2 денара.
Попустот што ни го давала Окта, рече тој, ќе потрае и месецов.
„Имавме долга дискусија и преговори со ОКТА. Тие својот попуст ќе го продолжат до крајот на месец април што значи дека за дизелот во овој момент имаме попуст од 3 денари по литар, а за безоловните бензини 95 и 98 октански ќе имаме дополнителни 2 денара за литар, или кога сето ова ќе се собере или сето ова ќе се изанализира тогаш доаѓаме до цена којашто за дизелот ќе биде иста како и досега ако се калкулира попустот од 4 денари за акцизата, и додатно 3-те денари коишто го добиваме од ОКТА, излегува оние 7 денари потенцијално зголемување по литар, да ги амортизираме. Кај безоловните бензини 95 и 98-октански, пак, покрај оние 2 денара акциза по литар, ќе имаме дополнителни 2 денара намалување, односно ќе бидеме во минус од цената којашто беше во изминатиов регулиран период, односно изминатата недела“, пресметуваше денеска премиерот.
Тој кажа дека минатата недела потрошувачката достигнала до рекордни 2.000.000 литри на ден, бидејќи граѓани од соседните држави точат гориво на северната, јужната и на западната граница, каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и триплирана. Додаде дека во овој момент немаме потреба од ограничување.
С. К. ДЕЛЕВСКА



