ЗАГЛАВИ СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“, СВЕДОЦИ ОДБИВААТ ДА ДОЈДАТ ВО СУДНИЦА

    ЗАГЛАВИ СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“, СВЕДОЦИ ОДБИВААТ ДА ДОЈДАТ ВО СУДНИЦАНа денешното рочиште беше сослушан само еден сведок, чиј син настрадал во пожарот. (Фото: СДК.МК)

    Успори големиот судски процес за катастрофалниот пожар во дискотеката “Пулс” во Кочани на 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 млади луѓе, гости, персонал и музичари, а над 230 беа повредени.

    Проблемот настана откако сведоците од кои Обвинителството на минатото рочиште се откажа, а за кои одбраната не даде согласност, сега одбиваат да дојдат да сведочат.

    Меѓу нив е и вработена во Oпштината, а останатите се млади луѓе, гости, кои го преживеале пожарот.

    „Никој не очекуваше ваква нечовечност. Не очекувавме дека на ваков начин обвинетите и нивните адвокати ќе ја одолговлекуваат постапката”, револтирани коментираа ужалените родители на загинатите деца, кои седат во публика заедно со новинарите.

    На денешното рочиште беше сослушан само еден сведок, чиј син настрадал во пожарот, кој таа вечер изби кога на концертот на музичката група ДНК пиротехниката го запали сунѓерот од нестандардниот, низок плафон во импровизираното диско. Ова момче во обвинението се споменува како сопственик и како управител на фирмите на обвинетиот газда Дејан Јованов.

    Сведокот Наско Карадаковски кажа дека неговиот син, покојниот Александар, пред „Пулс” бил во кафетеријата „Класик” вработен како шанкер. Александар работел и во „Тренд” во Скопје неколку години, но 2018 се вратил во Кочани. Со обвинетиот Михаило Јованов, син на првообвинетиот Дејан, биле другари.

    „Тој никогаш не работеше во ‘Пулс‘, цело време во ‘Класик‘, но мислам дека по барање на колега или Михајло за замена ретко го викаа. На 10.07.2024 ми се јави пријател, дека Александар го викнал во 5 часот да го превезе до болница. Тој беше таксист и да ме праша дали е редовно вработен оти видел дека плаќа приватно. Го прашав син ми рече немам покриено здравствено. Му реков оди под биро, бар ќе имаш здравствено осигурување. Ми рече бил во биро и немал право на здравственото, не можело оти е управител. Јас се изненадив и го прашував зошто е управител? Александар ми рече Деко го замолил, за да не му пропадне лиценцата. Деко за неколку месеци ќе средел и син ми прифатил. Го прашував знаеш ли каква одговорност имаш, дали банка сметки ти ќе водиш? Рече дека тоа ќе тераат Деко и Митко. Му вршев притисок, ме фати паника дека мора да прекине со тоа веднаш. Му реков иди кај Деко најбрзо да излезеш од таа фирма. Настана голема паника. Ми рече разговарал и оти ќе се заврши , имале некој кредит ќе се завршело. Минеше време. Му реков ќе дојдам таму, јас ќе се расправам со Дејан”, раскажуваше таткото како направил сè за да го премисли синот од правењето услуга за формален управител на фирми на обвинетиот Дејан Јованов, за да не ја изгубел лиценцата.

    „Кога дојдов ме замоли да не правам глупости за да не се скара со Михајло и дека по Нова Година ќе се среди. Се скарал толку многу Михајло со татко му, газда Деко, дури и се иселил на друго место да живее. Му реков на син ми да оди на адвокат, законски да заврши сам без да има потреба да се моли со Деко или со Михајло. Ми рече дека по Нова Година адвокатот ќе се обиде да му го раскине управителството. Стана многу нервозен тој период, јас му вршев голем притисок, и знаеше веќе дека може да има големи последици, обврски, даночни давачки и го фаќаше паника. Се нервираше многу, не сакаше ни да оди во кафетеријата ‘Класик’ на работа, не сакаше да работи”, сведочеше таткото.

    На прашање на судијката, сведокот одговори дека никогаш син му не се водел во клубот „Пулс“. Работел во кафулето “Класик”.

    „Дали некогаш ви спомнал дека во Пулс е вршено реновирање?“, праша судијката.

    Во 2024 година, пред да се пожали на болките и да му затреба здравствено осигурување, бил повикан за уривање во „Пулс“. Никогаш не бил ангажиран за набавки и слично, одговори Карадаковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира