Висок заповедник на руската морнарица загина во авионската несреќа на Крим што се случи на 31 март, потврди гувернерот на северниот регион Мурманск, Андреј Чибис. Во падот на транспортниот авион „Ан-26“ загинаа вкупно 30 луѓе и од руското министерство за одбрана веднаш кажаа дека причината за несреќата е техничка грешка и дека не било пукано кон авионот.
Меѓу жртвите е и генерал-полковникот Александар Отрошченко, кој беше командир на мешаниот воздухопловен корпус на Северната флота на руската морнарица, чие седиште е во Мурманск. Чибис рече дека се сретнал со Отрошченко неколку дена пред несреќата.
Во авионот имало 23 патници и седум члена на екипажот. Неименуван извор изјави за агенцијата „ТАСС“ дека авионот, кој бил на рутински лет, удрил во карпа 25 километри источно од градот Севастопол.
Според рускиот сервис на Би-Би-Си, Отрошченко е најмалку 14. руски генерал кој загинал од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во 2022.



