Во чест на 75 години од основањето на Државниот архив на Македонија, АД „Пошта“ на Македонија издаде поштенска марка за јубилејот. Поштенската марка е отпечатена во тираж од 6.000 примероци, дизајнот е на Јован Стојановски и има номинална вредност од 43 денари. Архивиот е формиран на 1 април 1951 година со указ на тогашната македонска влада.
Директорот на Поштенски операции во АД „Пошта“, Бојан Кереместевски, на денешната промоција рече дека поштенската марка е симбол на она што го претставува Државниот архив, институција која е столб на македонскиот идентитет.
„Пошта на Македонија, која е чувар на традицијата исто како и Архивот, ја има честа да испечати поштенска марка за 75-годишниот јубилеј на Архивот. Ова мало парче уметничко дело со извонредно значење е вистински амбасадор на Македонија затоа што преку поштенските марки ја афирмираме нашата култура, историја, нашата традиција. Денес промовираме вредност и затоа секогаш кога праќате писмо или пакет, праќајте ги со поштенски марки зашто само на тој начин тие ќе живеат“, рече Кереместевски.
Претставници на 15-ина архиви и архивски асоцијации од регионот и Европа денеска во Скопје имаат средба во рамки на програмата за одбележување на јубилејните 75 години од постоењето на Државниот архив.
На средбата учествуваат гости од Архивите на Турција, Албанија, Србија, Косово, Бугарија, Романија, Малта, Црна Гора, Босна и Херцеговина, од Архивскиот комитет на НАТО, ICARUS (International Centre for Archival Research) и од EURBICA (European Regional Branch).
Директорот на Државниот архив Димитар Богески изјави дека архивите од другите земји се понапред од нас во процесот на дигитализација и информациски софтвери.
„Затоа и ги поканивме, да ги искористиме нивните знаења и можностите за некои нивни фондови, за да изработиме современ систем со кој ќе парираме во модерните текови. Веќе сме во фаза на анализа и во претстојниот период тоа ќе го презентираме пред Владата и ќе излеземе со конкретни мерки и чекори што нашата држава ќе треба да ги преземе за ние да бидеме во чекор со европските стандарди“, изјави Богески.
Додаде дека средбата со странските архиви е можност и да се возобнови соработката која била многу подинамична во минатото. Како пример за многу добра соработка го посочи Османлискиот архив од Истанбул, еден од најголемите архиви во светот кој чува документи од пет века владеење на Империјата. На новинарско прашање, Богески одговори дека македонскиот Архив нема проблем во соработката со Архивот на Бугарија.
„Ниту тие со нас, ниту ние со нив. Истражувањата секаде во светот се отворени, граѓата е од јавен карактер. Никаде немаме забрани, ниту ние даваме некому забрани, сè што сакаат да истражуваат луѓето, ние сме отворени“, изјави Богески.
Соработката со Архивот на Бугарија е послаба во изминатите четири години од претходно и претседателот на Архивот, Михаил Груев, изјави дека очекува таа повторно да заживее и оти затоа и присуствуваат на средбата во Скопје. Повеќе од 20 години двата архива имаат договор за соработка што резултирало, рече Груев, многу ефективно во изминатите години кога разменувале копии од документи, правеле заеднички изданија и изложби.
„Нема никакви пречки, нашите архиви се отоврени како и секогаш. Во последните години поради состојбите во заемните односи, нашите контакти се намалија, но јас се надевам дека по оваа средба ќе ги обновиме контактите и соработката со македонскиот Архив. Затоа што нас нè поврзува не само историјата, туку нè поврзуваат и многу топли, блиски, би рекол колегијални и пријателски чувства со колегите. Затоа сме и тука, да го поздравиме нивната 75-годишнина и да си посакаме да ја возобновиме соработката што ја имавме во минатото“, изјави Груев.
Тој кажа дека во Архивот на Бугарија има многу документи од кои голем дел во копии ги добиле нивните македонски колеги, затоа што смислата на соработката, рече, е во размената и е во интерес на науката.
„Имаме најразлични, огромно количество документи имаме од 19. и почетокот на 20 век, кои се поврзани со нашата заедничка историја“, додаде Груев.
На средбата на архивите учествува и претставник од Архивскиот комитет на НАТО, Николас Рош, каде што се чуваат материјали за Македонија уште од времето кога беше во составот на Југославија и документи поврзани со периодот кога Алијансата, како што рече, водеше разни мировни напори во балкански земји.
Државниот архив ќе го заокружи чествувањето на 75-годишнината со свечена академија вечерва од 19 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).



