Четворицата астронаути од десетдневната мисија „Артемис 2“ велат дека имаат многу фотографии и приказни од патувањето околу Месечината, додека се подготвуваат за своето враќање на Земјата. Тие одржаа прес-конференција од вселената, пред да се спуштат покрај брегот на Сан Диего, Калифорнија, што се очекува на 11 април околу еден часот по средноевропско време.
„Едвај чекаме да го споделиме со светот она што го видовме“, изјави единствениот Канаѓанец во екипажот Виктор Гловер.
Покрај тоа што Гловер и Американците Рид Вајзмен, Џереми Хансен и Кристина Кох станаа првите луѓе кои ја прелетаа далечната страна на Месечината, тие исто така отидоа подалеку во вселената од сите претходни мисии.
„Мораме да се вратиме. Има многу податоци што веќе сте ги виделе, но сите добри работи се враќаат со нас. Има уште многу слики и приказни. Имаме уште два дена пред да можеме да почнеме да го обработуваме она низ што сме поминале. Ќе размислувам и ќе зборувам за сите овие работи до крајот на мојот живот“, рече Гловер.
За него, „најголемиот подарок“ од мисијата беше гледањето на затемнувањето на Сонцето од другата страна на Месечината, а заповедникот на мисијата Вајзмен кажа дека неговиот врвен момент беше кога екипажот именуваше нов лунарен кратер по неговата покојната сопруга Керол, која почина од рак во 2020 година.
„Кога Џереми го напиша името на Керол, бев преплавен од емоции и ја видов Кристина како плаче“, рече Рид.
„Артемис 2“ не слета на површината на Месечината, туку тоа се планира со мисијата „Артемис 4“ во 2028 година. Американците се во трка со времето со Кина, која планира првпат да испрати луѓе на Месечината во 2030.



