Осудените со првостепена казна доживотен затвор Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев за грабнување и свирепи убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на Панче Жежовски (74) од Велес во ноември 2023, денеска не беа спроведени од затворот во Шутка во Апелациониот суд Скопје на јавната седница за жалбите на пресудата, зашто Видевски бил во болница. Претседателката на судечкиот совет Лидија Зимбовска, кажа дека седницата е јавна на барање на осудените односно на обвинетите и дека за следната седница што ја закажа на 11 мај, ако Боре не може да дојде адвокатот треба да обезбеди согласност зашто ќе нема веќе одложувања од оваа причина.
На седницата требаше да се разгледуваат поднесените жалби од Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, кои бараат укинување на првостепената пресуда и повторување на постапката пред Кривичниот суд Скопје.
Неофицијално, жалбата на Палевски била на 80 страници.
Жалба има поднесено и Обвинителството, кое не се согласува со ослободителната пресуда за таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
Овие тешки дела ги признаа само Манев и Кешишев, кои детално ги опишаа. Двајцата го посочија Љупчо Палевски за убиец кој со пиштол пукал во главите на двете жртви. Палевски и Видевски, пак, тврдеа дека немаат врска со киднапирањата и убиствата на Панче и Вања.
Според обвинението и првостепената пресуда, петмината обвинети заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска за да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.
„На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ‘цитроен’ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри. На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата ‘Наум Наумовски Борче’ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано ‘Дупки’, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице“, тврди Обвинителството.
Палевски по убиствата беше во бегство во Турција, каде што беше уапсен и потоа екстрадиран во Македонија на 15 мај 2023. Оттогаш е во притвор во затворот во Шутка. Откако се уапсени, четворицата немаат излезено од притвор. Во Шутка ќе останат и за време на жалбената постапка во Апелација, а ако ја потврди пресудата, правосилно осудените се префрлаат во затворот Идризово до крајот на животот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



