Израел продолжи да бомбардира цели во Либан, загрозувајќи го примирјето договорено вчера помеѓу Иран и САД, ден по смртоносните напади, во кои загинаа повеќе од 250 луѓе.
Во Пакистан, властите го блокираа главниот град Исламабад, во очекување на мировните разговори САД-Иран, при што се затворени сите пристапи до луксузниот хотел „Серена“, каде што ќе престојуваат двете делегации. Разговорите треба да почнат на 11 април.
Но, засега нема знаци дека Иран го отворил Ормускиот Теснец, што е едно од главните американски барања. Од почетокот на примирјето низ него поминале најмалку девет брода, според податоците на сајтот „Марин трафик“. Техеран вели дека нема да има договор сè додека Израел го напаѓа Либан.
Израел е дециден дека неговите воени операции во Либан не се предмет на договорот за прекин на огнот, а истото го тврди и Вашингтон. Наспроти нив, Иран и посредникот Пакистан велат дека и Либан е дел од договорот, на што повикаа и земји како Франција и Велика Британија.
Пакистански извор запознат со разговорите изјави за „Ројтерс“ дека Пакистан работи на прекин на огнот за Либан и Јемен.
„За тоа ќе се дискутира за време на претстојните разговори и ќе го решиме тоа“, рече тој.
Хезболах денеска продолжи со нападите врз Израел откако вчера соопшти дека ќе ги паузира. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека Израел ќе продолжи да го напаѓа Хезболах каде и да е потребно.
„Нашата порака е јасна: секој што ќе дејствува против израелските цивили ќе биде наша цел. Ќе продолжиме да го напаѓаме Хезболах, сè додека не ја вратиме целосната безбедност за жителите на северот на Израел“, рече Нетанјаху.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан обвини дека израелските напади врз Либан се очигледно кршење на договорот за прекин на огнот.
„Ваквите дејствија претставуваат измама и непочитување, правејќи ги преговорите бесмислени. Рацете на Иран ќе останат на чкрапалото, никогаш нема да ги напуштиме нашите либански браќа и сестри“, кажа Пезешкијан.



