Странско мешање и манипулирање со информациите (СММИ) не се случуваат на изборниот ден, туку почнуваат многу порано и затоа веднаш треба да се започне со следење на ова прашање, беше лажано на тркалезната маса „Подготвеноста на институциите за одговор на странско мешање и манипулирање со информации: предизвици, координација и следни чекори“, што ја организираше Институтот за комуникациски студии.
Независниот експерт Федерико Јулио Сикарела кажа дека СММИ не може да постои без домашно мешање и манипулирање со информации (ДММИ).
„На СММИ факторите им недостасува префинетост за да се вклопат во домашниот контекст, за да го направат делувањето уште поуспешно. Кога сакаме да воспоставиме СММИ практики, мора да имаме предвид дека ДММИ е подеднакво важно“, рече Сикарела.
Тој посочи дека на Европската Унија ѝ требаа десетина години за да изгради структуриран и институционален одговор на странското мешање, кој од реактивен станал проактивен. Клучна пресвртница за тоа биле ковид-пандемијата и руската инвазија врз Украина, по кои ЕУ изградила силни законодавни механизми за борба против СММИ.
Барајќи го идеалниот модел за институционален одговор, портпаролката на Владата, Марија Митева, укажа на активностите за формирање неформална работна група, составена од претставници на различни институции, кои работат на превенција и справување со дезинформациски кампањи.
Џо Мекарон-Шипман од Службата за комуникации на Владата на Обединетото Кралство го презентираше британскиот модел РЕЗИСТ (RESIST).
„Клучно е да не се реагира на секоја манипулирана информација, да не се поставуваме како арбитри на вистината. Имаме два основни принципа: да не направиме штета во овој дел и да преиспитуваме што е во наша надлежност, односно да го штитиме демократскиот дискурс“, рече Мекарон-Шипман.
Г. КОНЕВ



