Четворицата астронаути од мисијата „Артемис 2“ ноќеска се вратија на Земјата, спуштајќи се во Тихиот Океан покрај брегот на Сан Диего по речиси десет дена во вселената, со што го завршија првото патување на луѓето кон Месечината од 1972 година. За време на мисијата, тие станаа првите луѓе кои ја прелетале далечната страна на Месечината и отидоа подалеку во вселената од кој било друг досега.
Капсулата „Орион“ нежно се спушти со падобрани во мирните води покрај брегот на јужна Калифорнија во еден часот и седум минути по средноевропско време, по патувањето што ги однесе Американците Кристина Кох, Рид Вајзмен и Џереми Хансен и Канаѓанецот Виктор Гловер рекордни 406.771 километар од Земјата.
На целото патување, „Артемис 2“ помина 1.117.515 километри и беше 6.400 километри од површината на Месечината. Ова беше една од главните проби за слетувањето на Месечината, кое треба да се случи со „Артемис 4“ во 2028 година.
Коментаторот на НАСА, Роб Навијас, кажа дека слетувањето било совршено, по што заповедникот на мисијата Рид Вајзмен објави дека сите астронаути се во добра состојба. На НАСА и американската морнарица им требаа помалку од два часа да ја обезбедат пловечката капсула и да го извлечат екипажот.
„Сите се среќни и здрави. Го видов Виктор како се смее и добро расположен. Тие се спремни да се вратат во Хјустон“, изјави директорот на слетувањето Рик Хенфлинг, додавајќи дека наскоро ќе биде објавен екипажот за „Артемис 3“.
Враќањето на екипажот дома беше најризичниот тест на мисијата и вселенското летало „Орион“ докажа дека неговиот топлински штит може да издржи екстремни сили на повторното влегување во Земјината атмосфера. Капсулата падна во Земјината атмосфера со брзина 32 пати поголема од брзината на звукот, при што атмосферското триење го удираше топлинскиот штит на температури од околу 2.760 Целзиусови степени. Спуштањето во водата беше со брзина од 25 километри на час.
„Ова е огромен чекор за изградба на довербата во НАСА дека може да извршува слични мисии. Најголемата цел на мисијата беше да се докаже дека е можен лет со екипаж“, изјави заменик-директорот на НАСА, Амил Кшатрија.



