Претседателот на САД Доналд Трамп денеска изјави дека американската морнарица веднаш ќе започне со блокада на Ормускиот Теснец и ќе забрани влез на секој брод во меѓународните води што платил данок на Иран. Трамп ова го изјави во долга објава на Трут соушал, неколку часа откако мировните преговори меѓу САД и Иран во Пакистан завршија без договор. Трамп рече дека состанокот „поминал добро, повеќето точки биле договорени“, но додаде дека двете страни не се согласиле за нуклеарната програма на Иран.
Тој вели дека „во одреден момент“ ќе се постигнел договор за слободен премин, но „Иран не дозволил тоа да се случи само велејќи: „Можеби има мина некаде таму“, за која никој не знае освен нив“. Во истата објава, Трамп исто така вели дека „ѝ наложив на нашата морнарица да бара и да го забрани секој брод во меѓународните води што платил данок на Иран“ и дека американската морнарица ќе почне „да ги уништува мините што Иранците ги поставиле во теснецот“.
„Никој што плаќа нелегална патарина нема да има безбеден премин на отворено море“, вели тој, додавајќи „секој Иранец што пука кон нас или кон мировни бродови, ќе биде упатен ВО ПЕКОЛОТ!“ „Блокадата ќе започне наскоро“, вели тој.
Во втора објава на Трут соушал Трамп вели, „Иран вети дека ќе го отвори Ормутскиот Теснец, а тие свесно не успеаја да го сторат тоа“. „Ова предизвика вознемиреност, дислокација и болка кај многу луѓе и земји низ целиот свет“, вели тој. „Како што ветија, подобро е да го започнат процесот на брзо ОТВОРАЊЕ НА овој МЕЃУНАРОДЕН ВОДЕН ПАТ!“
Тој продолжува да зборува за преговорите во Исламабад, велејќи дека бил „целосно информиран“ од потпретседателот Џеј-Ди Венс, специјалниот претставник Стив Виткоф и преговарачот Џаред Кушнер, а ги пофали напорите на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и неговиот тим.
Тој вели дека по „близу 20 часа“ преговори „само едно е важно – ИРАН НЕ Е СПРЕМЕН ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД СВОИТЕ НУКЛЕАРНИ АМБИЦИИ!“ „Во многу погледи, точките за кои беше договорено се подобри од тоа да ги продолжиме нашите воени операции до крај, но сите тие точки не се важни во споредба со тоа да дозволиме нуклеарната енергија да биде во рацете на толку нестабилни, тешки, непредвидливи луѓе“, вели тој.
„Ормускиот Теснец е во рацете на Иран и мора да се платат патарини“ , рече заменик-претседателот на иранскиот парламентот Хаџи Бабаеи. Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, не го спомена Ормутскиот Теснец на својата прес-конференција по 21-часовните разговори со Иран во Пакистан.
Важниот воден пат, низ кој обично минуваат околу 20% од светската нафта и течен природен гас, беше камен на сопнување во разговорите. Клучен дел од условното примирје што е во сила меѓу САД и Иран е безбедното поминување на бродовите низ теснецот.
Американската војска соопшти дека два разорувачи го поминале Ормускиот Теснец, кој е под контрола на Иран, пред да започнат со работа за расчистување на мини, што е првпат откако започна војната. Сепак, иранските државни медиуми соопштија дека заедничката воена команда го негира тоа.



