Израелските трупи вчера започнаа напад за да освојат клучен град во јужен Либан каде се кријат борците на Хезболах, засилувајќи ја војната против групата поддржана од Иран во пресрет на ретките разговори меѓу израелските и либанските владини претставници. Во услови кога амбасадорите на Либан и на Израел во САД треба денеска да се сретнат во Вашингтон, либанскиот министер за надворешни работи изјави дека Бејрут ќе ги искористи преговорите лице в лице за да изврши притисок за прекин на огнот во војната, што ја комплицира пошироката дипломатија за запирање на конфликтот на Блискиот Исток.
За првпат по повеќе од 40 години, Израел и Либан ќе водат директни разговори на политичко ниво. Тие се закажани за попладно по средноевропско време во Вашингтон. На почетокот, покрај американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио, ќе учествуваат и либанската амбасадорка во САД, Нада Хамадех Моавад, како и израелскиот амбасадор во Вашингтон, Јехиел Лајтер.
Но, изгледите за исходот од состанокот – невообичаена средба лице в лице меѓу земји кои формално се во воена состојба – се неизвесни. Израел изјави дека нема да разговара за прекин на огнот, додека Хезболах се спротивстави на преговорите со Израел, што го одразува наглото влошување на политичките тензии во Либан.
Според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговата земја сака „траен мировен договор“ со соседниот Либан. Освен тоа, според изјавите на израелскиот премиер, во фокусот на преговорите треба да биде и разоружувањето на милицијата Хезболах.
Либанската влада се наоѓа во сложена состојба. Таа не е активна воена страна во актуелниот конфликт. Од една страна, сака да спречи понатамошни ескалации и да обезбеди стабилност во сопствената земја, а, од друга страна, има само ограничено влијание врз Хезболах, кој е финансиран и делумно управуван од Иран. Актуелната влада се позиционираше појасно од која било претходна против Хезболах. Особено од почетокот на војната со Иран, таа презеде неколку мерки за намалување на иранското влијание во земјата. Претседателот Жозеф Аун повеќепати се изјасни во прилог на разговори со Израел. Владата сака да воспостави примирје независно од Иран, со цел да се дистанцира од Исламската Република. Но, таа мора истовремено да одржува и рамнотежа: околу една третина од населението во мултиконфесионалната земја се шиитски муслимани. Веќе имаше немири и демонстрации против одлуката на владата да води разговори со Израел.
Хезболах ги отфрла разговорите меѓу владата и Израел. За групата најважно е да ја зачува својата воена и политичка улога во земјата. Сака примирјето во Либан да биде дел од иранско-американските преговори, односно да не се третира одвоено. Хезболах не сака да го прифати без противуслуга особено разоружувањето на милицијата, кое го бара Израел. Тој бара целосно повлекување на израелските трупи од земјата. Набљудувачите сметаат дека Иран, во случај на разоружување на Хезболах, би можел да бара поголема моќ за шиитската заедница во Либан. Хезболах себеси се гледа како „сила на отпор“ против декларираниот смртен непријател Израел.
Во телевизиски говор, вчера шефот на Хезболах Наим Касем изјави дека либанската влада треба да го откаже состанокот, го нарече „бесмислен“ и рече дека неговата група ќе продолжи да се спротивставува на израелските напади врз Либан.
На терен во јужен Либан, израелската војска го заврши опколувањето на градот Бинт Џбеил веднаш над границата и започна копнен напад, изјавија портпарол на израелската војска и либански безбедносни извори. Либанските извори изјавија дека борците на Хезболах кои се кријат внатре се подготвени да се борат до смрт, наведувајќи го стратешкото и симболично значење на Бинт Џбеил, упориште на Хезболах, покраински главен град и порта кон околните села.
Хезболах отвори оган врз Израел во поддршка на Техеран на 2 март, поттикнувајќи израелска офанзива за која либанските власти велат дека убила повеќе од 2.000 луѓе и раселила повеќе од 1 милион. Израел вели дека има за цел да го окупира јужен Либан до реката Литани, која се влева во Медитеранот на околу 30 км од границата со Израел.
Израел и САД изјавија дека кампањата против Хезболах не е дел од кревкото примирје меѓу Иран и САД, иако премиерот на Пакистан изјави дека примирјето ќе го вклучи и Либан.
Иако борбите во Либан не престанаа, Израел не изведува воздушни напади врз Бејрут од 8 април, кога го нападна главниот град при што загинаа стотици луѓе.



