Либан и Израел вчера ги одржаа првите дипломатски разговори по повеќе од три децении, ретка средба насочена кон прекинување на борбите меѓу Израел и групата Хезболах, поддржана од Иран. Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој посредуваше, рече дека ова е „историска можност“ да се стави крај на влијанието на Хезболах.
Во соопштението на САД се вели дека двете страни се согласиле да започнат директни преговори, во време и место што ќе се утврдат дополнително. Израел изјави дека сака да ги разоружа сите недржавни терористички групи – алудирајќи на Хезболах. Либан повика на прекин на огнот и мерки за решавање на хуманитарната криза. Двете земји немаат дипломатски односи, а последните директни разговори на високо ниво меѓу нив се одржаа во 1993 година.
Над 2.000 луѓе се убиени откако започнаа израелските воени операции во Либан на 2 март, само неколку дена откако започнаа американските и израелските напади во Иран. Околу еден милион луѓе се раселени во овој конфликт.
Додека траеше средбата во Вашингтон, Хезболах презеде одговорност за најмалку 24 напади врз Израел и израелските трупи во Либан. Аларми за беспилотни летала и ракети се слушаа во заедниците низ северен Израел поголемиот дел од денот. Израел изјави дека неговите операции во Либан имаат за цел разоружување и расформирње на групата, против која се бореше и во 2023 и 2024 додека беснееше војната во Газа.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Томи Пигот, изјави во соопштението по разговорите дека и Израел и Либан се согласиле да работат на намалување на влијанието на Хезболах.
Либанската страна, исто така, повика на „прекин на огнот и конкретни мерки за справување и ублажување на тешката хуманитарна криза“ во земјата, додаде тој. Во меѓувреме, САД „изразија поддршка за правото на Израел да се брани“ од нападите на Хезболах, рече тој.
Во изјава пред состанокот, Рубио рече дека средбата е „процес“.
„Ова ќе потрае, но веруваме дека вреди овој напор“, рече тој. „Тоа е историски собир на кој се надеваме дека ќе надградуваме“.
Во изјава, либанскиот претседател Џозеф Аун рече дека се надева оти разговорите ќе „го означат почетокот на крајот на страдањето на либанскиот народ воопшто, а особено на оние на југ“. Тој рече дека „единственото решение“ за конфликтот би било либанските вооружени сили „да бидат единствено одговорни за безбедноста на областа“.
Сепак, капацитетот на либанската влада да се соочи со Хезболах е ограничен.



