АДВОКАТИТЕ СЕ БУНАТ ДЕКА ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ СВЕДОЦИ ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС” НЕ МОЖАТ ДА СВЕДОЧАТ, ВЕЛАТ ДЕКА И ОБВИНЕТИТЕ СЕ ПОД СТРЕС, ПА ДОАЃААТ НА СУДЕЊЕ

    АДВОКАТИТЕ СЕ БУНАТ ДЕКА ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ СВЕДОЦИ ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС” НЕ МОЖАТ ДА СВЕДОЧАТ, ВЕЛАТ ДЕКА И ОБВИНЕТИТЕ СЕ ПОД СТРЕС, ПА ДОАЃААТ НА СУДЕЊЕВеќе неколку рочишта одбраната го користи правото да не се согласи со повлекување на дел од сведоците на обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Додека два часа доцни спроводот од затворот во Куманово на еден од 35-темина обвинети за системски придонес на секој од нив за катастрофалниот пожар во кочанското диско „Пулс“, во судницата се читаа известувања за психофизичката состојба на дел од сведоците кои обвинителството ги повлече, а сега одбраната на обвинетите инсистира да дојдат, макар и со повреди и трауми кои беа цитирани од лекарски извештаи.

    Веќе неколку рочишта одбраната го користи правото да не се согласи со повлекување на овие тешко повредени деца ноќта на 16 март 2025 година, кога во пожар загинаа 63-ца, а над 200 беа повредени.

    Како што велат адвокатите, само поради шизофренија и деменција смее да не се дојде да се сведочи на суд. Акутен стрес и физички повреди не се причина за непојавување на сведок.

    „Дали имале душевно заболување и тогаш кога го давале исказот во истрагата во Обвинителството? Како тогаш немале душевно растројство? Дали тоа некој давал лажен исказ во истрагата? И обвинетите се под стрес и душевно растројство. Сега треба да ги пратиме на вештачење за да не доаѓаат на судење?“, беа дел од реакциите на адвокатите, кои одбија согласност за повлекување на 5 од 10-тина предложени сведоци на обвинителството за повлекување.

    Обвинителите сега мора да ги пратат на психијатар овие тешко повредени и истрауматизирани сведоци, кој треба да ја процени нивната психичка состојба и способност за сведочење во овој момент.

    Родителите на починатите деца, седнати во делот за јавноста, гласно негодуваат и го искажуваат своето разочарување за, како што велат, овој нечовечен однос и инаетење од страна на обвинетите и нивните адвокати, за кои велат дека само сакаат да го развлечат и успорат ова судење кое треба да ја донесе правдата за нивните загинати деца.

    Комбето со обвинетиот го нема уште, судијката Дијана Груевска Илиевска даде пауза.

    „Ова веќе стана циркуз”, велат ужалените родители.

    Откако дојде обвинетиот, се читаше изјава на сведокот Денис Даутовски, познаник на поранешниот осомничен и сегапокојниот Владимир Блажевски-Панчо од ДНК, која изјава Даутовски ја дал во Обвинителството за време на истрагата. Тој е недостапен и е во странство.

    Тој одел на концертите на музичката група ДНК, а подоцна се запознал и со нејзините членови се спријателил. Со тек на време Даутовски вели дека на бендот му станал логистика за хотелско сместување, храна, тонски проби.

    Но на 7 јануари 2025 година, по добивањето на работна виза, се иселил во Германија и ги завршил обврските и контактите со Панчо и останатите членови и придружни вокали на ДНК.

    На прашање дали го познава Васко – менаџерот на ДНК, на Влатко Лозановски и на други музички изведувачи, Даутовски одговолил во истрагата позитивно.

    На прашање кој бил одговорен за музичката сцена, сведокот кажал дека во принцип сцената секогаш била одговорност на сопствениците на локалите. Рекол дека ДНК претходно на концертите не користеле пиротехника на сцена. За „Пулс“, вели, Панчо ги набавил прскалките. Ги поставил Мартин викан Буцо, член на ДНК, кој сега е починат. Сведокот тврди дека овојпат прскалките тој не ги поставил, туку стоел зад сцената кога биле активирани на хитот на ДНК: „Што сака нека биде!“, и снимал видеа.

    „При договарање на настапите, внесувањето на прскалките секогаш е најавувано кај сопствениците на локалот, но дали било пријавувано до надлежниот орган, не знам“, вели Даутовски во исказот во истрагата.

    Судењето продолжува в понеделник, 20 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира