Од новата академска година почнува реформата на системот на специјализации и субспецијализации на медицинските факултети во Скопје, Тетово и во Штип, најави денеска министерот за здравство Азир Алиу. Примарниот фокус на оваа реформа е во две клучни области: интерна медицина и општа хирургија. Анализите покажале дека земјава има тесно профилирани специјалисти со ограничена применливост во државата. Исто така, утврдена е недоволна практична подготвеност, особено во итна и во интензивна медицина, како и сериозен притисок врз терцијарното здравство.
Во новата академска година, сите студенти коишто се во процес, или студенти коишто се на специјализации до трета година, ќе можат да се префрлат во новата програма, додека тие што се веќе над трета година ќе треба да завршат со старата програма.
„Воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и во интензивната нега. Се воведуваат засилени обуки во ‘point of care’ ултразвукот како стандардна вештина за секој интернист. Дефинираме минимални практични интервенции и овозможуваме поголема автономија на специјалистите во нивната секојдневна работа. Целта е образовниот процес да создаде интернист кој може самостојно да управува со комплексни и со итни состојби на секундарно ниво, со поширока клиничка подготвеност за состојби во однос на различни органи и системи“, кажа Алиу.
Наместо шест, сега ќе има петгодишна програма за општа хирургија, а целта е, вели Алиу, да се создаде флексибилен и функционален хирург со развиени вештини и знаења да одговори на реалните потреби на болниците, особено во внатрешноста на државата.
- КУБУРИМЕ СО КАДАР, ЗАТОА РАБОТИМЕ СО УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ДА СЕ НАМАЛАТ ГОДИНИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ, РЕЧЕ АЛИУ
- ПО 15 ГОДИНИ СЕ МЕНУВААТ ПРОГРАМИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА, ПРВО НИ ТРЕБА ОПШТ ХИРУРГ ИЛИ ИНТЕРНИСТ, РЕЧЕ АЛИУ
Министерот кажа дека предвиден е период од 36 месеци по специјализацијата во кој студентите ќе можат да се префрлат од старата специјализација на новата програма. Новиот модел предвидува едногодишни програми за постојните специјалисти за нивно усогласување. Предвидени се двегодишни програми со стандардна надградба по новите специјализации за постоечките кадри.
„Целта на реформата од таа програма по општа хирургија и по општа интерна која ја ревидираме е да ја усовремениме и да ја направиме покомпактна и многу попримамлива за нашите колеги. И да кажам дека ќе биде таа специјализација со должина од пет години. Што треба тоа да постигне? Треба да постигне да сите установи коишто се на секундарно ниво, своите специјализанти ги праќаат, значи директорите да ги праќаат на општа хирургија и на општа интерна. Да добијат звање општ хирург, односно општ интернист, а не да ги праќаат директно на торакална хирургија, на абдоминална хирургија, нешто што е резервирано секогаш за универзитетски клинички центри. И тоа е една сериозна реформа доколку, вака како што е сега замислена, ја имплементираме во иднина. Тоа ќе овозможи, верувајте, многу подобра здравствена заштита на целата територија на државата, што е во крајна линија и целта на сето ова што го правиме“, рече деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ.
Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, рече дека за оваа реформа контактирале со коморите од Германија, Австрија и Словенија, бидејќи тие ја организираат специјализацијата во тие земји.
„Докторот во Македонија ќе го задржите ако го вработите и ако му дадете да се образува онака како што треба. Генерално, колегите имаат проблем низ внатрешноста со оние ‘усогласени специјализации’, затоа што законските регулативи го прават ограничен само на една специјализација во одговорноста и во препишување на медикаментозна терапија. Кога ќе се измести таа одговорност и ставен е на Ургентен да прегледува, тој автоматски не го прави тоа соодветно ако дојде пациент од друга област на таа интерна медицина.
Интерната медицина и општата хирургија не ја прескокнувам, тие се нешто што е основа на медицината. Затоа инсистиравме тоа да биде нешто каде што сите колеги ќе имаат сериозна основа, за да можат, према потребите на нивните болници, да одат да се надградуваат. Но, основата, она што ние го имавме, постарите генерации, е нешто што секогаш држи: нашите колеги низ внатрешноста да имаат поголема можност, со поширок дијапазон на препишување на лекови и работата да си ја оправдаат. Епидемиолозите, барем ние кога правиме студии, велат дека околу 70 отсто од пациентите се во клинички центри. Па не би требало да е така. Нашите колеги се апсолутно образовани низ внатрешноста и можат да си преземат дел од пациентите со мирна душа. Наредно е да разговараме за режимот на препишување лекови, ама едно по едно“, рече д-р Гривчева-Старделова.
За процедурата за реформата, министерот рече дека административно ќе треба да помине на седница на Владата од Министерството за здравство, а понатаму ќе ги известат универзитетите за да може академската постапка да почне кај нив.
„Знаете дека академската година почнува за сите и за специјализации истата, истиот тајмлајн е, истото време. Значи, од оваа година почнува“, додаде Алиу.
Б. НЕСТОРОСКА



