ДЕЛАТА НА РОДОЉУБ АНАСТАСОВ СВЕДОЧАТ ЗА УМЕТНИК КОЈ НЕ СОЗДАВАШЕ ЗА МОМЕНТОТ, ТУКУ ЗА ВЕЧНОСТА, РЕKOA НА КОМЕМОРАЦИЈАТА

    ДЕЛАТА НА РОДОЉУБ АНАСТАСОВ СВЕДОЧАТ ЗА УМЕТНИК КОЈ НЕ СОЗДАВАШЕ ЗА МОМЕНТОТ, ТУКУ ЗА ВЕЧНОСТА, РЕKOA НА КОМЕМОРАЦИЈАТАКомеморацијата се одржа во Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во Музејот на Град Скопје. (Фото: К. Попов)

    „Со заминувањето на Родољуб Анастасов, македонската култура загуби значаен творец. Ние загубивме голем човек. Но, делата што ги остави зад себе ќе продолжат да сведочат за еден автор кој не создаваше за моментот, туку за вечноста. Професоре, благодариме за уметноста и човечноста“, рече Катерина Таневска од Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) на денешната комеморација за големиот сликар кој почина на 4 април на 91 година.

    Комеморацијата се одржа во Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во Музејот на Град Скопје. Анита Бошкова-Дуковска од Музејот, која е одговорен кустос во Галеријата, кажа дека таа беше отворена во 2011, кога Анастасов отстапи во трајна сопственост на Музејот на Град Скопје околу 400 исклучително значајни ликовни дела од својот богат креативен опус. Со тоа се оформи постојаната поставка сместена во самиот Музеј. Збирката е составена од дела кои припаѓаат на различни ликовни циклуси и стилски периоди, создадени во временскиот период од 1957 до 2009 година.

    Таневска рече дека со заминувањето на Родољуб Анастасов, македонската култура загуби значаен творец. (Фото: СДК.МК)

    „Анастасов беше најмаркантна и најавтентична појава на нашата ликовна сцена. Беспрекорно минуциозен, посветен до перфекционизам во своето сликарство, секогаш спремен за длабоки филозофски вдахновени разговори. И со неверојатна луцидност и носталгија зборуваше за времето поминато како професор на Факултетот за ликовни уметност, за своите студенти, својата сопруга Јустина, своите пријатели, семејство и општо, уметноста како голема животна пасија.  Неговата главна преокупација беа феномените на просторот и времето, и тој со филозофска продлабоченост ја пренесуваше драматиката на преживување, динамиката на животот, неизвесноста, но секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри. Велат дека двапати се умира, втората смрт е заборавот. Музејот на Град Скопје ќе продолжи да го чува и негува споменот за Анастасов и во децениите кои следат, а неговата галерија на којашто беше посебно горд, ќе остане жив храм и чувар на неговото творештво за генерациите кои доаѓаат“, кажа Бошкова-Дуковска.

    Директорот на Музејот, Панче Велков, рече дека Анастасов е великан на македонската ликовна сцена, на македонската уметност и на македонската култура.

    „Родољуб беше еден многу непосреден, пријатен човек, и покрај фактот што беше навистина во години, беше секогаш апсолутно присутен не само физички, туку и со духот и секогаш отворен, непосреден, искрен и многу пријателски расположен и секогаш со насмевка. И како таков ќе го паметам јас, а се надевам секако и сите ние“, додаде тој.

    Директорот на Музејот, Панче Велков рече дека Анастасов е великан на македонската ликовна сцена, на македонската уметност и на македонската култура. (Фото: К. Попов)

    Деканката на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), Слободанка Стевчевска, рече дека како ликовен педагог, како автор, како високо почитувана личност меѓу своите современици, Анастасов остави силен белег и неизбришлива трага, вградувајќи ја својата моќна и силна авторска фигура во фундаментите на градењето на македонската современа ликовна уметност, преку неговата дејност на Факултетот за ликовни уметности.

    „Изучувајќи ја уметноста од големите мајстори на модернизмот: Личеноски, Пандилов, Мартиноски, редок и автентичен меѓу првата генерација професори на ФЛУ од неговото основање во 1980-та па сè до 2005-та, тој и неговата генерација реномирани професорски имиња ги антиципираат високите стремежи на современото сликарство во тогашниот поширок југословенски простор, настојувајќи на рамноправно вреднување и афирмација на ликовните вредности на нашата сцена. Во годините кога на југословенската уметничка сцена се формира силна и критичка мисла за афирмација на апстракцијата, спроти идеолошките лавиринти и догматските идеи и настојувања за фигуративното и описно сликарство, Анастасов смело застанува на страната на прогресивното промислување на уметноста. Не само вербално, туку искажувајќи директен ликовен став и авторско стојалиште, зад кое стои неколеблива интелектуална фигура. Незаобиколно е да се спомене дека неговата мисија на ФЛУ, покрај бројните студенти-следбеници, формираше и неколку значајни педагози кои ја продолжуваат силната заложба за афирмација на високите ликовни вредности. Меѓу нив се вбројуваат професор Јован Шумковски, професор Благоја Маневски, професор Жанета Вангели“, рече Стевчевска, најавувајќи дека и Факултетот ќе организира настан во чест на Анастасов.

    Анастасов е еден од најважните сликари во современата македонска уметност. Во 2009, Американскиот биографски институт го вброи Анастасов меѓу 500 најголеми генијалци во светот во 21. век.

    Последната изложба на Анастасов со нови дела беше во Музејот на Град Скопје во јули 2023, насловена „Визии-Глава полна со луѓе“ со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022.

    Лани во февруари, во чест на неговиот 90. роденден, беше отворена изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, со дела на 42 уметници кои биле студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира