Тројца актуелни или поранешни директори на јавни здравствени установи вратија по 500 илјади денари (околу 8 илјади евра) или вкупно 1,5 милион денари (околу 24 илјади евра), што ги зеле врз основа на неправилна пресметка на плата, рече денеска Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). На прес-конференција за бројот на здравствени осигуреници во земјава, на новинарско прашање за тоа дали очекува и други да вратат пари, тој рече „сите заедно мора да изградиме систем во кој меѓусебно ќе се почитуваме“.
„Од една страна, ќе бидеме подобро платени и тоа ќе биде вреднувано легално со 33 отсто зголемени капитации за матичните доктори или кумулативно претходните две зголемувања во јавното здравство беа 17 отсто. Сега од март има уште едно зголемување. Праќаме јасен сигнал до сите здравствени работници дека ќе ја вреднуваме работата и платите ќе одат нагоре, меѓутоа, од друга, очекуваме фер однос и од другата страна и да престанат злоупотребите на додатоците. Таа комуникација ја имаме и со јавните здравствени установи и со синдикатите. Не може да дозволиме да има самовреднување и самонаплата. Ќе има правила што ќе бидат фер и ќе се бара да се придржуваме до нив“, додаде Клековски.
Премиерот Христијан Мицкоски на пратеничките прашања во Собранието на 27 март, рече дека има одредени здравствени работници кои преку сомнителни практики си ги зголемувале месечните примања, работеле секој ден по 24 часа, без пауза.
„Треба да зборуваме и малку со доза на критика кон одредени здравствени работници коишто наоѓаат начин преку чуден еден нов изум или еликсир, којшто јас го нареков еликсир на континуирана работа да книжејќи си дежурства да добиваат месечни примања коишто честопати знаат да бидат и над 10.000 евра. Чудно но вистинито. Има и такви здравствени работници коишто со помош на овој еликсир успеале да работат 31 ден во месец кога има 30 дена или помалку 28 и ни помалку ни повеќе туку 24 часа. 31 ден, 24 часа, без одмор, без пауза, цело време посветени на работа“, рече Мицкоски.



