ПОЧНА СУДЕЊЕТО НА ДЕВЕТТЕМИНА ПОЛИЦАЈЦИ ОД ВТОРАТА ГРУПА ОБВИНЕТИ ДЕКА ПОМОГНАЛЕ ДА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА ДИВАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“ ВО КОЧАНИ

    ПОЧНА СУДЕЊЕТО НА ДЕВЕТТЕМИНА ПОЛИЦАЈЦИ ОД ВТОРАТА ГРУПА ОБВИНЕТИ ДЕКА ПОМОГНАЛЕ ДА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА ДИВАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“ ВО КОЧАНИОбвинителката Андонова кажа дека овие обвинети не ги извршиле своите службени должности, односно не направиле целосна проверка на условите и дале согласност, а врз основа на тоа е добиена лиценца за работа на објектот „Пулс“ како дискотека. (Фото: СДК.МК)

    Во Кривичниот суд во Скопје денеска почна судењето на полицајците Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Боби Гидиоски, Гоце Иванов и Александар Максимов, обвинети дека со злоупотребување на службената положба во својот дел придонеле за неисправното диско „Пулс“ во Кочани да добие лиценца од Министерството за економија. На 16 март 2025, непријавената и на диво поставена пиротехника за време на концертот на музичката група ДНК, го запали нискиот сунѓерест и пластичен плафон во диското, а во пожарот загинаа 63 млади луѓе, меѓу кои и деца, а над 230 се повредени.

    Овие 9 службени лица се од Кочани, Штип, Радовиш и Пробиштип и се втора група обвинети полицајци, покрај првата од тројца и третата од 13 обвинети полициски службени лица и старешини.

    „Станува збор за проверки што полицијата ги прави по службена должност во насока на утврдување на нарушувањето на јавниот ред и мир и во поглед на безбедноста на сообраќајот, којшто се однесува на безбедносните сообраќајни решенија што се неопходно врзани за работа на еден таков објект каков што бил клубот ‘Пулс’. Се мисли на соодветен број на паркинг-места за овозможување на безбеден тек на сообраќајот, за безбедно доаѓање и одење од објектот. Оваа проценка се врзува со поднесено барање до Министерството за економија за добивање лиценца за работа на угостителскиот објект, па така полициските службеници имаат обврска по таквото барање да ги извршат деталните проверки и да утврдат дали биле водени прекршочни постапки во објектот за нарушен јавен ред и мир и дали објектот ги исполнува условите во поглед на безбедност на сообраќајот. На конкретните полициски службеници опфатени во ова обвинение, им се става на товар дека во таа насока не ги извршиле своите службени должности, односно не направиле целосна проверка или врз основа на ненаправената целосна проверка, дадена е согласност, натаму таа е позитивно оценета и врз основа на тоа добиена е лиценца и на тој начин е овозможено објектот ‘Пулс’ да работи и да остварува профит“, кажа обвинителката за организиран криминал Спасенка Андонова.

    Судењето го води судијката Ленка Давиткова. Пред почетокот на рочиштето, одбраната на дел од обвинетите побара Судот да посредува во доставувањето барања што тие од поодамна ги имале испратено до Министерството за внатрешни рбаоти (МВР), Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и до Управата за јавни приходи (УЈП), со цел обезбедување докази, декласификација на документи, како и овозможување увид на вешто лице кое треба да изврши вештачење.

    Денешното рочиште за деветтемина полицајци за „Пулс“ е одложено за први јуни, под претпоставка дека институциите нема да успеат да им одговорат на адвокатите пред тоа, а треба дотогаш да направат и увид во тие докази.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира