Суперјахта што се поврзува со рускиот милијардер Алексеј Мордашов поминала низ Ормускиот Теснец во саботата, покажуваат податоците на платформата „Марин Трафик“, во време кога транзитот е строго ограничен.
Јахтата „Норд“, која е долга 142 метри и вредна над 500 милиони долари, испловила од Дубаи во петокот, поминала низ Теснецот во саботата наутро и пристигнала во Оман вчера. Не е познато како јахтата добила дозвола за минување низ Теснецот.
Од крајот на февруари, Иран го затвори Теснецот за најголемиот број бродови и сега дневно поминуваат само неколку, главно трговски пловила. До војната, низ Теснецот минуваа меѓу 125 и 140 бродови дневно.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска се сретна со Владимир Путин во Санкт Петербург, при што кажа дека САД не исполниле ниедна цел и затоа бараат да се преговара.
„Војната покажа дека Иран има големи пријатели и сојузници како Русија и му благодариме на Кремљ за поддршката“, рече Арагчи.
Мордашов важи за близок на Путин и се најде под американски и европски санкции по почетокот на војната во Украина.



