Со едноминутен молк и со изведба на македонската химна, се одбележа 25-годишнината од масакрот врз осумте припадници на безбедносните сили што се случи на 28 април 2001 помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина во месноста Бреза.
На 28 април 2001 беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и полицајци при ОВР Битола, Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24) Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).
Пред импровизираната спомен-плоча со имињата за загинатите полицајци и војници, бидејќи на ова место уште нема изграден достоинствен споменик, цвеќе положија претставници на Одборот на Бранители, Министерството за одбрана, Армијата, МВР, политички партии, повеќе организации и здруженија на бранителите и припадници на безбедносните сили, македонските навивачки групи и граѓани.
„На овој ден пред 20 години во воената 2001 година во доцните попладневни часови со однапред подготвена заседа беа нападнати и ѕверски убиени, осуммина од патролата бранители. Денес дојдовме овде да им оддадеме почит на оние кои македонската земја натопена со крв. Својата жртва ја запишаа во поновата историја на Македонија. Нам бранителите ни оставија аманет да ја чуваме Македонија, да ја градиме во последната и попросперитетна иднина со сите што живеат во неа. Ова место е нем сведок на погибијата на 8 бранители кои ги дадоа своите млади животи во одбрана на Македонија од 16-те учесници во патролата. Врз осуммината убиени бранители терористите примениле најсуров начин на одмазда. Ваков злостор во таа воена 2001 година не е забележан никаде на друго место освен овде на Шара“, рече Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.
З. АНДОНОВ



